Со новата Стратегија за образование 2026-2032 фокусот е ставен на развој на нова програма за предучилишно образование, инклузија во основното и средното образование, како и примена на нови формули за финансирање на училиштата.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на дебата посветена на Стратегијата, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.
„Иста така се предвидува и подобрување на инфраструктурата, како и оптимизација на училишната мрежа и воведување на едносменска работа, примена на нов концепт на матура, развој и промоција на неформалното образование и нова законска регулатива во високото образование и науката“, додаде Јаневска, напоменувајќи дека имплементацијата на документот ќе обезбеди поквалитетен национален образовен систем.
Нацрт верзијата на Стратегијата е изработена преку широка дискусија, со учество на бројни чинители – Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, Бирото за развој на образованието, Центарот за развој на стручното образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, универзитетски професори, невладиниот сектор.
По објавата на ЕНЕР систем минатиот месец и интегрирањето на дел од пристигнатите сугестии, се очекува документот да биде усвоен до крајот на јануари. (МИА)