Европската комисијата жали поради денешната одлука на Европскиот парламент да достави барање до Европскиот суд на правдата за мислење околу усогласеноста на Договорот за партнерство и на Привремениот трговски договор меѓу ЕУ и Меркосур со основачките документи на ЕУ, изјави заменикот главен портпарол на Европската комисија, Олоф Гил.
-Според нашата анализа, прашањата покренати во предлогот се неоправдани, бидејќи Комисијата веќе ги разгледа на многу детален начин заедно со Европскиот парламент. Покрај тоа, ова не се нови прашања, бидејќи тие веќе беа разгледани во контекст на претходни трговски договори, особено оној со Чиле, додаде Гил.
На прашање што планира да преземе ЕК во однос на договорите со Меркосур додека се чека одговор од Судот на правдата, постапка што би можела да трае од 18 месеци, па и до две години, Гил рече дека очекува за ова прашање да се разговара на утрешниот вонреден Самит на ЕУ, па Комисијата ќе почека да види како ќе се одвиваат тие дискусии.
Во моментов фокус на Комисијата е да продолжи со силниот ангажман со европратениците за да им објасни зошто веруваме дека треба да ги поддржат овие договори со доверба и зошто веруваме дека тие се од витална важност за Европската Унија, истакна Гил.
Европскиот парламент денеска со тесно мнозинство донесе одлука да доставување барање до Европскиот суд на правдата за мислење склучените спогодби со Меркосур можеби се некомпатибилни со член 218 став 2 и 4 од Договорот за функционирање на ЕУ, како и со принципот на институционална рамнотежа и искрена соработка согласно член 4 став 3 и член 13 став 2 од Договорот за ЕУ.
Европратениците изразуваат загриженост дека можеби не се почитувале насоките што може да влијае на правилата за гласање во Советот и да ги спречи националните парламенти да го имаат својот легитимен збор за договорите. (МИА)