Почнато е со изградбата на автопатските делници Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а претходно ја решаваме експропријацијата на земјиштето и отстранување на објекти по овие траси, истакна денеска министерот за транспорт и врски, Александар Николоски кој од собраниска говорница одговараше на прашањето: каде се трошат средствата на граѓаните од патарините на автопатиштата во земјата, поставено од пратеникот Халил Снопче. Министерот Николски вели на овие две делници на стартот на градежните работи присуствувал и Арбен Таравари, односно лидерот на политичката партија, од којашто доаѓа пратеникот Снопче.
-Ако продолжиме по истата траса по Коридрот 8 на западното крило, веќе е завршена целосната постапка за избор на изведувач на делницата Гостивар-Букојчани чекаме само согласност од Европската банка за обнова и развој затоа што од таму е кредитот, со цел да се избере изведувач. Се надевам дека по завршување на зимата и подобрување на временските услови ќе почне да се работи и на трет автопат, тоа е од Букојчани до Кичево. Автопатот Кичево-Охрид, којшто беше заборавен за македонската јавност и за којшто ништо не се работеше, веќе интензивно се работи. Триесет и седум километри се ставени во функција, секој месец има дополнителни активности, еве сега се заврши клучката за спојување и на Струга, посочи Николоски.
Министерот за транспорт и врски очекува, а како што вели како Влада имаат дадено збор, во дадениот рок да се заврши автопатот од Кичево до Охрид. Што се однесува за автопатот Скопје-Блаце постапката е завршена и сега се очекува одговор од Европската банка за обнова и развој, којашто дава кредит за изградба на оваа делница.
-Го работиме и автопатот којшто оди од Прилеп до Битола и тој го започнавме со оваа Влада без разлика што договорот беше потпишан од претходната и никакви активности не беа спроведени. Го завршиме експресниот пат од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш и веќе е во функција и граѓаните го користат. Се работи за исклучителен модерен пат, сите овие патишта може да ги видете и кај мене на фан страната на фејсбук, рече Николоски.
Тој истакна дека е пуштено и источното крило на Коридорот 8, а тоа е експресниот пат од Страцин до Крива Паланка и како што рече се надева дека нашите соседи, односно Бугарија ќе почне да гради автопат кон Македонија.
-Во моментов со Европската Унија работиме на вториот дел, којшто треба да оди од Куманово, односно од Романовце до Страцин, како би имале по Коридорот 8 целосно автопатско решение, од граница со Бугарија до граница со Албанија. Исто така во моментов работиме многу интензивно на еден проект, којшто претходната Влада на СДСМ и ДУИ го имаше заглавено, а тоа е спојувањето на Кичево со Дебар, односно тоа е проектот Извор-Гарски мост на којшто многу интензивно се работи. Кога ќе биде завршен овој магистрален пат за жителите од Дебар и за селата од Реканскиот крај приклучокот на автопатот Охрид-Кичево ќе биде за околу дваесеттина минути. Што целосно ќе ја промени динамиката во тој дел од државата, истакна Николоски.
Тој од собраниската говорница рече дека за рехабилитација и санација на регионалните патишта може да зборува и до утре, бидејќи се опфатени голем број на делници.
-Еве го за првпат заврна снег во државата и не е блокирана, претходно по три дена не можевме да излеземе од снег. Кој патува знае и гледа, за рекордно време се исчисти цела држава, посочи Николоски.