Поради интензивните снежни врнежи и лизгавите коловози, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително користење на пропишана зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
Направете проверка на возилото која опфаќа: техничка изправност на истото, проверка на нивото на антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците.
РСБСП со апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да избегнуваат нагли запирања и да одржуваат безбедно растојание помеѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание и концентрација за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.