Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа во Давос, а денес имале многу успешни и инспиративни средби со голем број мултинационални компании.
Теми коишто беа опфатени се темите од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
-Се разбира од наша страна беа претставени можностите за инвестиции во Македонија, во македонската економија, нешто што ќе значи додадена вредност за македонските граѓани. На она на коешто посебно би сакал да се задржам е вториот дел од денот, односно панелот за енергетика каде што бев активен учесник и говорник заедно со секретарот за енергетика на САД г. Рајт. Панел на коешто учество зема буквално светското водство во енергетскиот бизнис, компании коишто доаѓаат од сите континенти, компании чиишто обрти се движат во рамките на илјадници милијарди. Таму разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката во годините коишто следат, енергетиката од областа на производство на електрична енергија, зошто токму областа на производство на електрична енергија, посочи премиерот.

Мицкоски посочи дека постојат три работи кои може да ги заклучи како резултат на овој панел за енергетика.
-Првата работа е дека во годините коишто следат, потребата од енергија во светот ќе расте, но два ипол пати побргу ќе расте потребата од електрична енергија и тука ние како Македонија како држава не смееме да бидеме нем набљудувач, туку треба да бидеме активен чинител и активен учесник и тука повторно ќе треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти од минатото како што се Чебрен и Галиште, Бошков Мост и останатите, и да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите коишто покажаа несомнен интерес во дискусиите после завршувањето на панелот. Втора работа којашто исто така е значајна е дека во следните десет години, производните капацитети коишто треба да бидат изградени, коишто треба да произведуваат во светот електрична енергија ќе треба да произведат вкупно 40.000 терават-часови електрична енергија. Колкава е таа количина на електрична енергија, тоа е пет ипол илјади пати повеќе отколку што денеска Македонија троши електрична енергија и некаде отприлика онолку колку што денеска САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно трошат. Зошто е ова потребно? Зошто во годините коишто следат развојот на човештвото ќе опфаќа развој на вештачка интелигенција, а со тоа и центрите за податоци или т.н. дата центри коишто работат, не на енергија туку на електрична енергија, истакна Мицкоски.

Порача дека тоа се трите факти коишто се многу важни и ние како држава треба тој чекор да го следиме и во таа насока да ја развиваме нашата економија.
-Од економија којашто се темелеше на развој на автомобилската индустрија, да го диверзифицираме своето портфолио и да бидеме значаен чинител имајќи ги предвид перформансите и потенцијалот коишто го нудиме во дел и секторот на енергетика. Јас сум убеден дека тоа како држава можеме да го направиме, јас сум убеден дека ние како држава ќе успееме во таа намера, заклучи Мицкоски.