Македонското друштво „Илинден“-Тирана бара итно од Владата на Албанија повлекување на одлуката за отворање на три прифатни центри за мигранти на територијата на Општина Пустец, во областа Преспа, и тоа: во селото Зрноско, на спортските игралишта во Пустец и во селото Долна Горица.
Оваа одлука произлегува од нормативниот акт „За одобрување на Националниот план за контингенција за мешани миграциски текови 2026–2028 година“, објавен во Службен весник, според кој, во случај на криза, за управување со миграциските текови е предвидено формирање на 20 прифатни центри за мигранти на територијата на Република Албанија во текот на следните две години.
Овие центри се планирани за мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ја користат Република Албанија како транзитна земја кон Европската Унија.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана дава целосна подршка на барањето на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за стопирање на отворањето на трите прифатни центри за мигранти на територијата на општина Пустец.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана го осудуваат фактот дека оваа одлука е донесена без никакви јавни консултации со македонската заедница во општина Пустец, без дијалог со локалните актери, со што сериозно се кршат принципите на локалната самоуправа, транспарентноста и партиципативната демократија.
Нагласуваме дека изградба на прифатни центри се наоѓаат на брегот на Преспанското Езеро, додека целата територија на Општина Пустец е дел од Националниот парк Преспа, заштитено подрачје од особено еколошко, културно и туристичко значење.
Општина Пустец е прогласена за туристичко подрачје, додека селото Зрноско е вклучено од самата албанска влада во програмата од 100 туристички села.
Македонците во Преспа не бараат прифатни центри за мигранти, туку конкретни инвестиции во инфраструктура, туризам, земјоделство и одржлив развој, со цел Преспа да се трансформира во вистинска туристичка дестинација и да се запре процесот на депопулација на областа.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана бара од Влада итно отстранување на Општина Пустец од мапата предвидена за формирање прифатни центри за мигранти, Планирање и спроведување на конкретни инвестиции во инфраструктурата и локалниот развој, земајќи го предвид фактот дека областа на Преспа е запоставена во последните 35 години.
Одлуката претставува директно кршење на член 16 од Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, кој строго забранува преземање државни мерки што го менуваат или имаат за цел да го променат демографскиот состав на единиците на локалната самоуправа населени со национални малцинства.
Поставувањето прифатни центри за мигранти во општина Пустец со автохтоно македонско население претставува демографска интервенција со долгорочни последици, која сериозно го загрозува опстанокот, идентитетот и одржливоста на оваа заедница, а истовремено ќе има негативно влијание врз развојот на туризмот во областа Преспа, стои во соопштението на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.