Во периодот 2000 – 2025 година во Грција биле регистрирани 633 временски појави со негативни општествено-економски последици и 294 човечки жртви, главно од поплави, громови и невремиња, покажува анализата на тимот Метео на Институтот за истражување на животната средина и одржлив развој при Националната опсерваторија во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.
Годишниот просек на човечки жртви за периодот 2000 – 2025 изнесува 11 лица, додека пак 2025 година е единствена година без загинати лица.
Од вкупно 633 екстремни временски појави, 32 отсто предизвикале сериозни општествено-економски последици од категорија 3 (според скала од 1 до 3), додека пак 2014 година била година со најголем број временски појави (вкупно 45).
За подобро да се разберат промените во текот на последните 26 години, авторите на анализата конкретниот период го поделиле на два дела, односно два 13-годишни периоди.
Главните заклучоци од споредбата на двата периоди е дека во вториот, од 2013 до 2025 година поголем е бројот и на регистрирани временски појави и на човечки жртви.
Поконкретно, во првиот 13-годишен период (2000-2012) регистрирани биле 245 појави (просечно 19 годишно), а во вториот имало 388 појави (во просек 30 годишно), односно зголемување за 58 отсто.
Во однос на човечките жртви, во периодот 2000-2012 биле регистрирани 108 загинати (просечно осум годишно), а во вториот период 186 загинати (во просек 14 годишно), односно зголемување за 72 проценти.
Од Метео посочија дека во анализата не се вклучени појави што се однесуваат на штети во земјоделски култури, бидејќи тие се следат одделно од надлежната организација, но не се вклучени ни шумските пожари, кои се предмет на посебна анализа од тимот.