Кипарското претседателство со Советот на ЕУ започнува во клучен момент за Европската Унија, обележан со геополитичка нестабилност, геоекономска конкуренција, војна на континентот и притисоци од дигиталната и еколошката транзиции, како и миграцијата, изјави денеска претседателот на Кипар, Никос Христодулидес во Европарламентот при презентацијата на приоритетите на Кипарското претседателство во првите шест месеци од годинава.
– Меѓународниот поредок повеќе не може да се зема здраво за готово. Европа мора да одговори со единство, подлабока интеграција и решителна акција – избирајќи соработка, солидарност и напредок, рече Христодулидес.
Говорејќи за приоритетите на Претседателството, чие мото е „Автономна Унија. Отворена кон светот“, Христодулидес нагласи дека автономната Унија мора да остане отворена кон светот и кон процесот на проширување, кое го оцени како најмоќната геополитичка алатка на ЕУ, што мора да се базира на кредибилен напредок на Украина, Молдавија, земјите од Западниот Балкан и Турција.
Според кипарскиот претседател, автономијата е следната фаза во европската интеграција, која бара внатрешна сила, конкурентност, безбедност и цврсто закотвување во вредностите на ЕУ.
– Граѓаните очекуваат Европа да ги заштити своите граници, да ја брани демократијата и да го заштити својот начин на живот, додека останува отворен и сигурен глобален партнер, потенцира Христодулидес.
Говорејќи за безбедноста и одбраната, Христодулидес рече дека војната на Русија против Украина ја откри итната потреба од зајакнување на безбедносната архитектура и одбранбената подготвеност на Европа.
Тој притоа ја потврди непоколебливата поддршка на ЕУ за Украина и нагласи дека границите не можат да се менуваат со сила, без разлика дали се во Украина, Гренланд или каде било на друго место.
Во врска со конкурентноста, Христодулидес се заложи за прагматична агенда фокусирана на инвестиции, иновации, поедноставување и поддршка за малите и средни претпријатија, заедно со завршувањето на единствениот пазар и подлабоките пазари на капитал.
Како станува збор за европските вредностите и социјалната кохезија, според Христодулидес, ЕУ не смее никого да остави на страна, развивајќи ги вредностите на демократијата, владеењето на правото и основните права. Тој како приоритетите ги нагласи изградбата станови по прифатливи цени, справувањето со детската сиромаштија, заштитата на младите, зајакнувањето на здравството и пристапот до основни лекови.
Христодулидес ја нагласи и важноста на односите на ЕУ со Јужното соседство и регионот на Персискиот Залив, амбициозната трговска агенда на ЕУ и силните партнерства со САД и Велика Британија.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во воведното обраќање на дебатата истакна дека во овој клучен момент за Европа и за светот, сите знаеме дека следните шест месеци нема да бидат лесни.
– Европа ќе остане фокусирана на обезбедување на својата конкурентност и олеснување на работите за семејствата и бизнисите, додека инвестира во нови реалности, особено во областите на безбедноста и одбраната и во обезбедувањето гласот на Европа да остане силен на глобално ниво, рече Мецола.
Таа порача дека ЕП секогаш ќе биде на страната на Кипар кон единствена суверена европска држава во согласност со резолуциите на ОН и вкоренета во заедничките вредности и правото на Европската Унија.
Во дебатата повеќето европратеници го поздравија акцентот на Кипарското претседателство на европската автономија, безбедноста и единството во предизвикувачки геополитички контекст, при што некои ја нагласија потребата од посилна и поотпорна Европа, способна да дејствува решително и воедно да остане отворена кон светот, притоа нагласувајќи ја важноста на продлабочувањето на интеграцијата.
Неколкумина европратеници за заложија за забрзување на процесот на проширување, оценувајќи го како клучна геополитичка алатка за зајакнување на стабилноста и влијанието на Европа.
Некои европратеници повикаа на посилни гранични контроли, ефикасни враќања на мигрантите и намалена бирократија за бизнисите, додека други ја нагласија важноста на поголема солидарност и социјална кохезија и потребата следниот долгорочен буџет на ЕУ да биде фер и фокусиран на луѓето.