Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, изјави дека САД и Обединетото Кралство ќе „ги надминуваат разликите мирно, како пријатели“, во време на тензии предизвикани од заканите на претседателот Доналд Трамп поврзани со преземањето на Гренланд.
Џонсон рече дека неговата мисија за време на посетата на Лондон е да „ја смири топката“, додавајќи дека „силна Америка е добра за целиот свет“.
Изјавата доаѓа откако владата на премиерот Кир Стармер се соочи со жестоката критика на Трамп за одлуката за откажување од суверенитетот над Чагоските Острови и за притисокот околу Гренланд.
Џонсон рече дека се согласува со пристапот на Стармер за решавање на прашањата преку дијалог, по нивната вчерашна средба, одржана во рамки на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност.
– Обединетото Кралство и САД се блиски сојузници и нашето партнерство е изградено врз меѓусебна почит и фокус на резултати. Токму затоа секогаш сме можеле мирно да ги надминуваме разликите, изјави Џонсон.
Тој наведе дека разговарал подолго со Трамп и дека го информирал оти неговата цел во Лондон е да ги охрабри сојузниците и да придонесе за деескалација.
Џонсон ја пофали администрацијата на Трамп за напорите да ја направи Америка „побезбедна и посилна“, во услови на зголемено влијание на Кина, Русија и Иран.
Во врска со Гренланд, тој изјави дека Трамп сериозно ги сфаќа современите безбедносни закани, особено во арктичкиот регион.
Џонсон ѝ се заблагодари на Велика Британија за поддршката во неодамнешната американска операција за заплена на руски танкер во Северниот Атлантик, оценувајќи ја соработката како пример за заедничка одбрана.