Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (АТП-4) изјави дека испишувањето историја силно го мотивира на првиот овосезонски грен слем турнир Австралија Опен, што денеска го почна со победа од 3:0 во сетови над Шпанецот Педро Мартинез (АТП-71.).
За Ѓоковиќ ова е јубилејна 100. победа на Австралија Опен во кариерата.
-Што да кажам, ми се допаѓа како звучи – „сентурион“. Навистина убаво чувство, рече 24-кратниот грен слем шампион, по стартната победа во Мелбурн.
Триесетиосумгодишниот Ѓоковиќ сега има скор од 100 победи на 110 натпревари на Австралија Опен, каде што освои рекордни 10 титули. Тој зад себе има 102 победи на Вимблдон и 101 на Ролан Гарос.
Сепак, главната цел на Ѓоковиќ е да оствари шест победи во следните две недели во Мелбурн, што би му го донело 25 грен слем трофеј и статусот на најодликуван тенисер на сите времиња.
Со својот 21. настап на Австралија Опен, Ѓоковиќ го израмни рекордот на турнирот што претходно го држеше Швајцарецот Роџер Федерер. Воедно, Ѓоковиќ денеска го почна настапот на својот 81 грен слем турнир во кариерата, со што израмни уште еден рекорд што Федерер го дели со Фелисијано Лопез.
„Испишувањето историја е голема мотивација“, рече Ѓоковиќ, кој во второто коло ќе игра против Италијанецот Франческо Маестрели (АТП – 141.) (МИА)