Свет контрола врз Гренланд

Расмусен во посета на Норвешка, Велика Британија и Шведска

Задоволен сум што ќе разговараме како да го постигнеме тоа, наведе Расмусен.

Расмусен во посета на Норвешка, Велика Британија и Шведска

Шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен денеска ја почнува европската турнеја, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со зголемување на царините за европските држави кои се против неговата идеја за преземање на контролата врз Гренланд.

Расмусен денеска ќе ја посети Норвешка, утре ќе престојува во Лондон, а на 22 јануари ќе отпатува за Шведска.

Трамп им се закани на Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска со нови царини поради нивното противење САД да ја преземат контролата врз данската автономна територија. Тој ги обвини и земјите-членки на НАТО, кои испратија воен персонал на Гренланд дека играат „многу опасна игра“.

– Во еден нестабилен и непредвидлив свет, на Данска ѝ се потребни блиски пријатели и сојузници … Сите се согласуваме за потребата од зајакнување на улогата на НАТО на Арктикот. Задоволен сум што ќе разговараме како да го постигнеме тоа, наведе Расмусен.

Трамп тврди дека поради националната безбедност и засиленото присуство на Русија и на Кина на Арктикот, САД треба да ја преземат контролата врз Гренланд. Тој најави дека од 1 февруари ќе воведе нови царини за осум европски држави, што ќе бидат во сила додека „не биде склучен договор за целосна и комплетна продажба на Гренланд“. Трамп најави и дека царините би можеле да се зголемат и до 25 проценти од 1 јуни.

Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија во денеска објавената заедничка изјава наведоа дека зголемувањето на царините таквите чекори ги поткопуваат трансатлантските односи.

– Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна спирала надолу. Продолжуваме да бидеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет, се посочува во заедничката изјава.

Исто така наведоа оти како членки на НАТО се посветени на зајакнување на безбедноста на Арктикот како заеднички трансатлантски интерес.

– Воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на тоа и не претставува закана за никого, се додава во заедничката изјава.

To top