Македонија интервју

Божиновска: Со Планот за 2025 ја поставивме основата на мапата за енергетската транзиција на Македонијa

Божиновска: Со Планот за 2025 ја поставивме основата на мапата за енергетската транзиција на Македонијa

Пресвртните поместувања кои лани се случија во енергетскиот сектор јасно сигнализираa дека државата влегува во фаза на подлабока енергетска трансформација. По промените кои ги донесоа новиот Закон за енергетика и усвојувањето на Планот за изградба на енергетски објекти за 2025 година, разговараме со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска за тоа што конкретно се менува во системот, како се избираат и приоритизираат проектите, и што значи новиот инвестициски циклус за сигурноста на снабдувањето. Во интервјуто се отвораат и темите за растот на обновливите извори на енергија (ОИЕ), потребата од складирање и модернизација на мрежата, како и трите стратешки приоритети за 2026 што треба да донесат постабилен и поефикасен енергетски систем.

Изминатата година се случија значајни промени во енергетиката од кои стана очигледнa неопходноста за Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Јавниот впечаток е дека во помалку од две години енергетиката од корен се трансформира во современ, модерен сектор. Како вие ја доживеавте 2025?

Наједноставно во 2025 година се случи пресвртница во енегетскиот сектор. Државата успешно воспостави рамка во која почна да ја гради енергетиката како систем чиј фокус е на инвестиции и институционален пристап што ја става одговорноста во центарот.

Енергетската политика веќе не е список на желби, туку имаме конкретни планови со проекти и конкретни правила за реализација. Најпрво, донесувањето на новиот Закон за енергетика ја постави правната рамка за модерна енергетика, усогласена со европските стандарди, со јасни правила за инвестирање, заштита на потрошувачите и развој на обновливи извори на енергија (ОИЕ). Тој закон не е текст на хартија, туку темел кој влијае на тоа како ќе се гради, како ќе се приклучува, како ќе се тргува и како ќе се обезбеди сигурно. Со тоа се помести тежиштето од декларативни цели кон практична имплементација.

Клучно е што законот отвора простор за поголема интеграција на обновливи извори на енергија (ОИЕ), складирање и современи мрежни решенија, односно ја создава „инфраструктурата“ на правила, без која транзицијата останува нестабилна и непредвидлива.

Паралелно, 2025 ја обележа и видлива промена во инвестициската динамика. Интензивирани се големи проекти во соларната и ветерната енергија, со државни соларни проеки во близина на Битола и отпочнување на процеси за проширување на капацитетите за производство на струја од ветар. Овие проекти не се важни само како мегавати, туку како сигнал дека се менува моделот од мали капацитети кон поголеми, структурни инвестиции што го менуваат енергетскиот микс, ја намалуваат изложеноста на увозни шокови и постепено ја подобруваат снабдувачката стабилност.

При тоа работевме и на мрежата, се обезбеди и техничка и финансиска поддршка за модернизација на преносната мрежа, затоа што без стабилен, дигитализиран и флексибилен систем, растот на ОИЕ не може да биде одржлив. Енергетската транзиција не е само „колку мегавати“, туку дали системот може безбедно и економично да ги интегрира тие мегавати.

За првпат лани подготвивте План за изградба на енергетски објекти за 2025 година, кој го подготвивте во втората половина од годината по стапување на сила и на Законот за енергетика. Кои критериуми беа клучни при изборот на проектите и што, според вас, е најважната порака што Планот ја испраќа до инвеститорите и до јавноста?

Ова е за првпат да се подготви годишен план со енергетски објекти кои ќе се градат. Го подготвувавме како практична мапа за тоа што реално може да влезе во фаза на реализација или веќе е почнато да се гради. Во основа, се водевме од три критериуми: зрелост на проектите и нивната подготвеност за изведба, капацитетот на системот да ги интегрира тие капацитети и јавниот интерес, односно каква конкретна корист носат за сигурноста на снабдувањето, ценовната стабилност и намалувањето на зависноста од увоз. Затоа Планот ги опфаќа проектите што се пред почеток или веќе во прва фаза на реализација, со јасен фокус на обновливи извори на енергија, складишни капацитети и другата инфраструктурата што мора да ги „издржи“ тие нови мегавати.

Во Планот за 2025 се опфатени 481 енергетски објект со вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 MW, при што доминираат фотоволтаичните капацитети и за првпат се предвидува и изградба на капацитети за складирање на електрична енергија. Интересот за фотоволтаици беше очекуван ако се земе предвид инвестицискиот импулс што го има во конкретната дејност, но паралелно јасно нагласуваме дека енергетски систем не се гради само со ново производство. Затоа во истиот пристап ги третираме и прашањата на мрежна подготвеност, дигитализација и флексибилност, бидејќи брзиот раст на сонцето и ветерот мора да оди рака под рака со подобро управување на системот, со можности за складирање и со поефикасно балансирање.

Најважната порака што Планот ја испраќа е дека државата има насока и дисциплина да ја забрза транзицијата, но ја водиме на начин што е одржлив за системот и предвидлив за инвеститорите. Вкупните инвестиции што се веќе во фаза на подготовка за реализација или во реализација се проценуваат на над 1,35 милијарди евра, што е сериозен сигнал и за економијата и за довербата во секторот. А за јавноста, поентата е јасна, одиме кон поголемо домашно производство на чиста енергија, но истовремено градиме услови тоа производство да биде стабилно, интегрирано и во функција на поевтино и посигурно снабдување на долг рок.

Согласно истата законска обврска во Министерството веќе во финална фаза е годишен план со проекти и за 2026 година.

Покрај оваа новина што ја воведовте со Законот за енергетика, кои се останатите работи кои се менуваат а ги засегаат и државата, и инвеститорите и граѓаните? Зошто велите дека ја зајакнува енергетската безбедност?

Законот ја менува поставеноста на системот, како што спомнав од тоа како се планира и регулира, до тоа како се тргува и како се штитат потрошувачите. За инвеститорите, најважно е што се создава попредвидлива рамка, со појасни правила и механизми што овозможуваат полесен развој на нови капацитети, особено во обновливи извори на енергија, како и простор за нови технологии, складирање и модерни мрежни решенија. Кога правилата се јасни и стабилни, капиталот доаѓа побрзо, а проектите се реализираат со помал ризик.

За државата, суштинската промена е функционален пазар и поголема интеграција. Законот ги подобрува механизмите за day-ahead и intraday пазар, што е предуслов за поефикасно тргување и подобра регионална и европска поврзаност. Ова ја зголемува конкуренцијата и ја намалува ранливоста од ценовни шокови, затоа што системот има повеќе опции, повеќе ликвидност и подобро управување со ризик.

За граѓаните, два елемента се клучни. Прво, се зајакнува улогата на потрошувачот, не само како краен корисник, туку и како активен учесник преку можности за „просумери“ и енергетски заедници, што на долг рок создава поефикасен и пофер систем. Второ, законот ја вградува социјалната димензија, заштита на ранливите категории и мерки што треба да се насочат кон намалување на енергетската сиромаштија. Енергетската безбедност не е само дали има струја во мрежата, туку и дали граѓаните можат да си ја дозволат и дали системот функционира транспарентно и фер.

Последните години има континуиран раст на интересот на инвеститорите за поставување на фотоволтаиците. Колку е системот подготвен за нивното производство и дали може да придонесат за Македонија да ја снема на листата на увозници на струја во регионот?

Фотоволтаиците се значаен извор за нашето поднебје, но за стабилен развој на пазарот, предвидливо управување со побарувачката и сигурно снабдување мора да имаме повеќе флексибилни извори и капацитети за складирање на енергија. Решението е да се комплетира сликата. Лани за првпат предвидовме изградба на складишта, батериски системи кои имаат значајна улога за стабилност на еден модерен систем, но работиме и на модернизација на мрежата, подобро балансно управување, повеќе ветерни капацитети кои имаат различен производен профил, и постепено зајакнување на домашните резерви. Фотоволтаиците се силен чекор, но енергетска независност се гради со диверзифициран и флексибилен систем, а не со еден доминантен извор.

Реалната проекција, ако продолжиме со сегашното темпо на инвестиции, регулаторна стабилност и модернизација, е во период од седум до десет години да се создадат услови Македонија во најголем дел од годината да ги покрива потребите од сопствено производство. Но сакам да бидам прецизна, независноста не значи апсолутно „нула увоз“, затоа што современите енергетски пазари функционираат преку размена. Клучната разлика е дали увозот е алатка за оптимизација, или е нужност затоа што немате доволно домашен капацитет и флексибилност.

Пресудно ќе биде да се движиме паралелно на повеќе фронтови. Прво, да расте домашното производство од ОИЕ, но паметно, со баланс во профилите. Второ, да се развијат капацитети за складирање и други механизми што ја зголемуваат флексибилноста на системот. Трето, да се модернизира преносната и дистрибутивната мрежа, затоа што мрежата е „скелетот“ што ја носи транзицијата.

И на крај, енергетската независност е и прашање на ефикасност. Колку повеќе ја намалуваме непотребната потрошувачка преку енергетска ефикасност, паметни решенија и подобра организација на системот, толку полесно се постигнува баланс со домашни извори. Нашата цел не е само да имаме доволно струја, туку да имаме сигурна, чиста и ценовно одржлива енергија за граѓаните и стопанството.

Кои се приоритетите за годинава? Можете ли за 2026 да издвоите три приоритети што граѓаните ќе ги почувствуваат како стабилност, сигурност или поефикасен систем?

Во 2026 година фокусот ни е на мерливи потези што ќе ја зголемат стабилноста и сигурноста на снабдувањето и ќе ја зајакнат конкурентноста на економијата. Прв приоритет е флексибилноста на системот, преку старт и интензивирање на батериски енергетски систем на ЕСМ од околу 300 MWh, кој ќе помогне подобро да се управува варијабилноста на сончевата и ветровата енергија и да се интегрираат обновливите извори во преносната мрежа.

Втор приоритет е диверзификација на снабдувањето со гас, со продолжување на изградбата на интерконекторот со Грција во интензивна фаза, со цел да биде ставен во функција најдоцна до 2027 година. Тоа носи поголема енергетска сигурност и реална алтернатива во снабдувањето, што е важно и за домаќинствата и за индустријата.

Трет приоритет е регионална поврзаност и интеграција, преку забрзување на подготовките за гасниот интерконектор со Србија, со обезбедување дозволи и старт на градежни активности во втората половина на 2026, со цел реализација до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година. Овие три насоки се нашата основа за поотпорен систем, помала зависност од шокови и поефикасно користење на обновливите извори.

Дополнително, не помалку значајно, можам да потенцирам дека откочивме огромни проекти кои беа заглавени. Едниот е продуктоводот, кој е под надлежност на НОМАГАС, во рамки на Министерството, а се однесува на поврзаноста со Грција и Србија. Овој проект беше закочен цели 13 години. Другиот проект е електро-енергетската поврзаност на Македонија со Република Албанија, онаа на МЕПСО, кој беше заглавен во својата реализација скоро декада. Двата проекти, наскоро ќе се реализираат во полна динамика и сила.

Најнови вести од Македонија

To top