Свет

Курдските сепаратисти тврдат дека ја нападнале Иранската револуционерна гарда како одмазда за задушувањето на протестите

Една курдска сепаратистичка група која дејствува во Ирак денеска соопшти дека почнала напади врз Иранската револуционерна гарда како чин на одмазда за тоа што властите на Иран насилно ги задушуваат протестите во земјата.

Членовите на Националната армија на Курдистан, вооруженото крило на Партијата за слобода на Курдистан (PAK), „играат улога во протестите, како преку финансиска поддршка, така и преку вооружени операции за заштита на демонстрантите, тогаш кога тоа е потребно“, изјави претставникот на оваа организација, Џваншер Рафати.

PAK ги обединува иранските Курди. Тоа е првата организација која потврди дека вооружено учествува во Иран откако таму почнаа протестите и нивното насилно задушување.

– Кога откривме дека Иранската револуционерна гарда директно пукала во демонстрантите, нашите борци во Илам, Керманшах и Фируцкух одговорија со вооружени акции и на режимските сили им нанесоа значителни загуби, рече Рафати, кој дал интервју за Асошиејтед прес од Ербил, главниот град на автономната курдска област во северен Ирак.

Иранските медиуми претходно ги обвинија PAK и другите курдски организации за напади врз безбедносните сили на владата во Техеран.

Според податоците на иранските активисти, повеќе од 2.797 луѓе се убиени во напорите на властите на Иран да ги задушат огромните протести кои избија низ целата земја.

Мал број ирански курдски дисиденти или сепаратистички групи, некои од нив со вооружени крила, веќе долго време имаат безбедно засолниште во автономната област под контрола на Курдите во северен Ирак. Поради тоа, помеѓу владите во Багдад и Техеран повремено се појавуваат тензии.

Иран повремено ги напаѓа позициите на PAK во Ирак, но престана со тоа откако се соочи со огромните граѓански протести.

To top