САД ќе продолжат со планот за изградба на транзитен коридор преку Ерменија до Азербејџан, потврди американскиот државен секретар Марко Рубио на средба со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан.
Ерменија и Азербејџан во август во Вашингтон, со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, потпишаа договор со кој ставија крај на долгогодишниот територијален спор.
Договорот предвидува создавање транзитна зона што ќе поминува низ Ерменија и ќе го поврзува Азербејџан со неговата западна енклава Нахичеван. Коридорот, кој е одговор на долгогодишното барање на Баку, ќе го носи името „Патот на Трамп за меѓународен мир и просперитет“ (TRIPP).
Во рамките на проектот, САД ќе имаат право да развиваат експлоатација на минерални суровини во регион богат со енергетски ресурси.
– Договорот TRIPP навистина ќе стане модел за целиот свет, покажувајќи како е можно отворање кон економска активност и просперитет без на кој било начин да се загрози суверенитетот и територијалниот интегритет, изјави Рубио.
Тој додаде дека проектот „ќе биде добар за Ерменија, добар за САД и добар за сите вклучени“ и нагласи дека администрацијата на Трамп сега „ќе работи на спроведување на договорот“.
Иран подолг период се спротивставува на воспоставувањето на овој коридор, стравувајќи дека тој би можел да го отсече од Кавказ и да доведе до странско присуство долж иранската граница.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, од своја страна, изјави дека безбедноста на коридорот што ги поврзува Азербејџан и Нахичеван ќе биде гарантирана од Ерменија, а не од трета страна.
Територијалниот спор меѓу Ерменија и Азербејџан главно се однесуваше на Нагорно Карабах – планинска област што беше повод за две војни, една по распадот на Советскиот Сојуз и друга во 2020 година. Азербејџан целосно ја врати контролата врз регионот во 2023 година по брза воена офанзива.