Италија сака да има активна улога во секој судски процес за пожарот во швајцарскиот бар во Кран-Монтана во кој загинаа 40 лица, вклучително и шест италијански тинејџери.
– Ќе ги повикаме швајцарските власти да ги идентификуваат и казнат одговорните и да обезбедат целосна јасност за оваа огромна трагедија, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани за весникот „Кориере дела сера“.
– Исто така, ќе поднесеме барање да бидеме граѓанска страна во случајот, додаде тој.
Неколку лица сè уште се лекуваат од тешки изгореници во Милано по пожарот што се случи за Нова година.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони неодамна даде критички забелешки за пожарот.
– Она што се случи во Кран-Монтана не е несреќа. Она што се случи во Кран-Монтана е резултат на тоа кога премногу луѓе не си ја завршиле својата работа, или верувале дека можат лесно да заработат пари, рече Мелони.
Таа повика на темелна истрага.
Швајцарските власти го држат во истражен притвор едниот од сосопствениците на барот, Французинот Жак Морети.
Наспроти тоа, на неговата сопруга и косопственичка Џесика Морети не ѝ е дозволено да ја напушти Швајцарија, мора да ги предаде пасошот и документите за идентификација и обврзана е секојдневно да се пријавува во полициска станица, соопшти денеска судот во Сион. Таа исто така мора да плати кауција.
Според судот, Жак Морети исто така може да биде ослободен по уплата на соодветна гаранција. Адвокатите на двојката постојано нагласуваат дека ниту еден од нив нема намера да ја попречува истрагата.