Свет истрага

Британија почна истрага против „Икс“ по наводите за злоупотреби на неговиот четбот Грок

Истрагата е покрената по извештаите дека алатката за вештачка интелигенција Грок, која е дел од „Икс“, била користена за креирање и споделување неодобрени интимни слики и сексуално несоодветна содржина за деца.

Британскиот медиумски регулатор Офком започна истрага против социјалната платформа „Икс“ во сопственост на Илон Маск за да утврди дали ги почитува обврските според Законот за безбедност на интернет и ги заштитува корисниците од нелегална содржина генерирана од вештачка интелигенција.

Истрагата е покрената по извештаите дека алатката за вештачка интелигенција Грок, која е дел од „Икс“, била користена за креирање и споделување неодобрени интимни слики и сексуално несоодветна содржина за деца.

Офком испитува дали „Икс“ ги презел сите потребни чекори за да ги спречи корисниците во Велика Британија да пристапат до нелегалната содржина и дали таквата содржина се отстранува. Британскиот регулатор сака да утврди и какви мерки презел „Икс“ за да ги заштити корисниците од кршење на законот за приватност, како ги проценил ризиците за децата и на кој начин имплементирал заштита од порнографска содржина за малолетни корисници.

„Извештаите дека Грок создава и споделува нелегални интимни слики и сексуално несоодветна содржина во која се вклучени деца се длабоко загрижувачки. Платформите мора да преземат соодветни мерки за да ги заштитат корисниците во Велика Британија, особено децата“, изјави портпаролот на британскиот регулатор.

Доколку Офком утврди дека „Икс“ го прекршил британскиот закон, може да бара од платформата да плати отштета и казна до 18 милиони фунти или 10 проценти од глобалните приходи на компанијата. Во краен случај, Офком може да побара судска забрана за и да го блокира пристапот до платформата.

To top