Македонија Интервјуа Транспарентноста и отчетноста ќе бидат основа во работата

Интервју со Онер Јакупоски, новиот градоначалник на Маврово и Ростуше: Општината има огромен потенцијал и време е тој да се искористи

Целта е Маврово и Ростуше да бидат место каде традицијата се почитува, културата се развива, а дијаспората се чувствува добредојдена и дел од иднината на општината.

Интервју со Онер Јакупоски, новиот градоначалник на Маврово и Ростуше: Општината има огромен потенцијал и време е тој да се искористи

Онер Јакупоски е новиот градоначалник на општина Маврово и Ростуше. На повторените локални избори кои се одржаа во неделата, сограѓаните му ја дадоа довербата да раководи со нивната општина.

Во ексклузивно интервју за КУРИР, Јакупоски говори за проблемите во општината кои се негов приоритет за решавање, за значењето на честа и одговорноста кои ги носи функцијата, за значењето на поддршката од Владата и премиерот Христијан Мицкоски…

Зборувавме и за приватноста. За себе вели дека се смета за обичен човек кој добро ги познава предизвиците со кои се соочуваат неговите сограѓани.

-Моите животни и професионални искуства ме научија дека најважни вредности се чесноста, работливоста и почитта кон луѓето.Секогаш сум верувал дека резултатите се постигнуваат со труд, дисциплина и тимска работа, а не со големи зборови. Токму таков пристап ќе го негувам и како градоначалник – да бидам достапен, отворен за разговор и фокусиран на реални решенија. Слободното време, кога го имам, го поминувам во кругот на семејството и пријателите, црпејќи енергија од природата и средината во која живеам. Тоа ми е најголема мотивација да работам одговорно и посветено, затоа што сакам општината што ја водам да биде подобро место за живот за сегашните и идните генерации, рече Јакупоски во интервјуто за КУРИР.

КУРИР: Граѓаните на Маврово и Ростуше Вам ви ја дадоа довербата да бидете нивниот градоначалник во следниве 4 години. Тоа освен што е голема чест, сигурно е и голема обврска. Која е вашата порака до сограѓаните?

Јакупоски: Довербата што ми ја дадоа граѓаните на Маврово и Ростуше ја доживувам како голема чест, но пред сè како сериозна и одговорна обврска. Сакам искрено да им се заблагодарам на сите – и на оние што ме поддржаа, и на оние што имаа поинаков избор. Од денес па натаму, јас сум градоначалник на сите граѓани, без поделби.

Во следните четири години ќе работам посветено, чесно и транспарентно, со јасна цел – подобар квалитет на живот, развој на општината и зачувување на нашите природни и човечки ресурси. Маврово и Ростуше има огромен потенцијал и време е тој да се искористи со конкретни проекти, одговорно управување и соработка со граѓаните.

Мојата порака е јасна: следува период на работа, стабилност и обединување. Вратата на општината ќе биде отворена за секој граѓанин, затоа што само заедно можеме да ја изградиме општината Маврово Ростуше каква што ја заслужуваме.

КУРИР: Пред кампањата најавивте заедничка борба за Маврово и Ростуше какво што сите го сакаме: достоинствено, модерно, чисто и полно со живот. Кои се најголемите предизвици за општината да стане место за живеење какво што граѓаните заслужуваат?

Јакупоски: Најголемите предизвици со кои се соочува Општина Маврово и Ростуше се наталожувани со години и бараат сериозен, системски пристап. Пред сè, тоа е потребата од подобра инфраструктура – локални патишта, водоснабдување, одводна канализација и уредување на јавниот паркинг простор.

Голем предизвик е и економскиот развој и задржувањето на младите. Мора да создадеме услови за работа, поддршка на локалното претприемништво, туризмот како најсилен мотор за економски развој, на одржлив начин со почитување на природата која е нашето најголемо богатство.

Тука е и прашањето со урбанизацијата на населените места, на чистата и здрава животна средина – управувањето со отпадот, заштитата на Мавровскиот-Реканскиот регион и воведување ред и правила што ќе важат за сите подеднакво. Дополнително, предизвик е и враќањето на довербата на граѓаните во институциите преку транспарентна и ефикасна општинска администрација – како вистински сервис токму на граѓаните.

Овие предизвици нема да се решат преку ноќ, но со јасна визија, одговорно управување и активна соработка со граѓаните, убеден сум дека можеме да ја направиме општината Маврово и Ростуше како место за достоинствен, модерен и квалитетен живот.

КУРИР: За вашата изборна победа, премиерот Мицкоски оцени дека е резултат на концептот што доследно го гради владејачката партија: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните. Колку ви значеше поддршката досега, а посебно колку ќе ви значи поддршката од Владата во иднина за реализација на проектите?

Јакупоски: Поддршката што ја добив во текот на изборниот процес и во октомври на кој изборен процес издвојував убедлива победа, но сепак заради неисполнување на законскиот услов-цензус изборите беа неуспешни, така и сега на повторените јануарски избори резултатот беше потврден и зголемен, подршката што ја добив и од премиерот Мицкоски и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ секако дека значеше многу, особено во делот на јасната визија и концептот што се темели на скромност, посветена работа и решавање на реалните проблеми на граѓаните. Но, изборната победа пред сè е резултат на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Маврово и Ростуше, кои препознаа искрен пристап, скромност, искуство и конкретна програма.

Во периодот што следува, поддршката и соработката со Владата ќе бидат од суштинско значење за реализација на поголемите инфраструктурни и развојни проекти. Општината Маврово и Ростуше не може сама да одговори на сите предизвици, затоа е потребна координација и подршка од централната власт, ресорните министерства и јавните институции.

Мојата заложба е таа соработка да биде професионална, доверлива, институционална и во интерес на граѓаните. Верувам дека со поддршка од Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски и со одговорно локално раководство, ќе можеме да ги реализираме проектите што директно ќе го подобрат секојдневниот живот во Маврово и Ростуше.

КУРИР: На сограѓаните им понудивте програма која ги детектира сите проблеми во општината. Кои од нив би ги издвоиле како итни за решавање?

Јакупоски: Програмата што им ја понудив на граѓаните е резултат на директни разговори и реални потреби на терен, и затоа дел од проблемите бараат итно постапување уште од самиот почеток на мандатот. Како приоритет би ги издвоил неколку клучни области.

Најпрво, тоа е унапредувањето на основната комунална и патна инфраструктура – локалните патишта, водоснабдувањето и канализациските системи, особено во населените места каде состојбата е најкритична. Паралелно со тоа, итно внимание ќе посветиме на чистотата и управувањето со отпадот, бидејќи станува збор за здравје, животна средина и имиџот на општината.

Втор приоритет е функционалноста и ефикасноста на општинската администрација. Граѓаните мора брзо и коректно да ги остваруваат своите права, без непотребни процедури и чекања. Транспарентноста и отчетноста ќе бидат основа на нашето работење.

Како итен предизвик го гледам и создавањето услови за економска активност, особено преку поддршка на туризмот, локалните бизниси и младите, со цел да се спречи иселувањето и да се внесе нова енергија во општината.

Овие прашања се темелот врз кој ќе го градиме понатамошниот развој, со јасен план, рокови и одговорност.

КУРИР: Од Маврово и Ростуше целите да направите општина на културата и традицијата, мост за комуникација со дијаспората. Во овој сегмент посебно ме интересира да ни кажете кои се вашите планови.

Јакупоски: Општината Маврово и Ростуше има исклучително богато културно и традиционално наследство кое мора да го зачуваме, но и современо да го афирмираме. Мојата цел е општината да ја развиваме како жив културен простор, каде традицијата не е само спомен, туку дел од секојдневниот живот и идентитет.

Во тој правец, планираме поддршка и унапредување на културните манифестации, фолклорот, занаетчиството и локалните уметници, како и вложување во културната инфраструктура и програмите за младите. Посебен акцент ќе ставиме на зачувувањето на традиционалните вредности на сите заедници кои живеат во општината, затоа што токму таа разновидност е нашата сила.

Дијаспората ја гледам како наш природен партнер и мост за развој. Многу наши сограѓани живеат и работат во странство, но емотивно и економски се силно поврзани со родниот крај. Затоа планираме воспоставување редовна и организирана комуникација со дијаспората, формирање од страна на советот на општината Комитет за соработка и подршка на дијаспората – како помошно тело на градоначалникот и нивно вклучување во културни настани, инвестициски иницијативи и развојни проекти во општината.

Целта е Маврово и Ростуше да бидат место каде традицијата се почитува, културата се развива, а дијаспората се чувствува добредојдена и дел од иднината на општината.

КУРИР: Имате посебни планови за јавната чистота. Во општината, за жал, во моментов има диви депонии поради негрижата изминативе години. Како ќе го решавате овој проблем?

Јакупоски: Јавната чистота и заштитата на животната средина се меѓу моите највисоки приоритети, особено затоа што дивите депонии се резултат на долгогодишна негрижа и отсуство на системско решение. Овој проблем ќе го решаваме организирано, а не декларативно.

Најнапред, ќе направиме целосна мапа на постоечките диви депонии и ќе започнеме со нивно поетапно расчистување, во соработка со јавното комунално претпријатие, Националниот парк Маврово, инспекциските служби и, каде што е потребно, со поддршка од надлежните институции и Владата.

Паралелно со тоа, ќе воведеме редовен и ефикасен систем за собирање и одлагање на отпадот, со јасни распореди и зголемена контрола. Инспекцискиот надзор ќе биде засилен, а правилата ќе важат подеднакво за сите – без селективност.

Посебно внимание ќе посветиме и на подигање на јавната свест, преку едукативни кампањи и вклучување на граѓаните, училиштата и месните заедници. Чистата општина не е само обврска на институциите, туку заедничка одговорност. Мојата цел е Маврово и Ростуше да бидат чиста, уредена и здрава општина за живеење, а тој процес започнува веднаш и со конкретни мерки.

Најнови вести од Македонија Интервјуа

To top