Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека тој е поборник на идејата за одржување редовни избори.
-Јас сум поборник на идејата на редовни избори. Редовно носење на закони и редовни избори. Мислам дека, концептуално зборувам, ни фали политичка и економска стабилност. Ако цело време правиме предвремени избори, креираме некоја политичка и економска нестабилност. Мислам дека треба да настојуваме да ги завршуваме мандатите и после граѓаните да не ценат по тоа колку сме реализирале од тоа што сме го ветиле од програмата. Вака на пола мандат, може да се каже не сме го завршиле мандатот. Јас сум поборник на идејата на редовни, но за тоа одлучуваат 61 пратеник, и политичката волја на пратениците е таа која одлучува кога би оделе на избори, рече Гаши на брифингот по одржаната координација со координаторите на пратеничките групи.
Прашан дали треба да постои или да се укине Пржинската влада, Гаши одговори дека стабилна Влада и како членка на НАТО, не е угледно да се формираат технички влади за организирање на предвремени избори.
-Колку што се сеќавам, тогаш ние само што ја формиравме политичката партија. Ако се враќаме назад, тоа беше ад-хок решение за таа политичка криза да се надмине. Мислам дека стабилна Влада, како членка на НАТО, не е угледно да формираме технички влади за организирање на предвремени избори, до толку што гледаме дека изборните процеси особено последниве, течат по ред, нема некои забелешки. Еве вчера поминаа избори, сите си честитаа, никој немаше проблем околу победата, рече тој.
Смета дека не сме во делот на ризични земји за имплементација на демократија и реализирање избори.
-И јас не мислам дека сме созреана скандинавска демократија. Но, не мислам дека сме во делот во ризични земји за имплементација на демократија и реализирање избори. Мислам дека многу сме напреднале во тој дел, рече Гаши.
Спикерот Гаши информира дека на координацијата ги повикал координаторите на пратеничките групи да се усогласат околу изборот на Народниот правобранител и да се најде решение.
-Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласат околу Народниот правобранител ако можеме да најдеме решение. Немаше некоја забелешка околу тоа. Никој не беше против, само ќе треба да се разговара во меѓувреме. Се надевам дека набрзо ќе дојдеме до решение. Никој не го оспорува името на кандидатот за Народен правобранител. Јас мислам дека ако почнеме нова процедура, уште толку ќе трае и нема никаква гаранција на крај како ќе заврши, затоа што и на новиот оглас не знаеме кој ќе се пријави. Влегување во таков процес, ќе го ризикува процесот во целина, рече тој.
Според него, за ова прашање потребни се политички разговори на ниво на координаторите на пратеничките групи.
-Што се однесува до нас како Собрание, ние сме ја донеле процедурата до седницата и точката е на дневен ред. Штом има договор, веднаш ќе ја свикам седницата и ќе го гласаме. Ги повикувам пратеничките групи да се договорат. А дали ќе се договорат, е до нив. Неколку пати сум рекол дека проблемот не е името, но веќе сега во јануари каде што е блокирана институцијата, ќе биде голем проблем ако се навратиме на нов оглас, нова постапка, тоа ќе биде голем проблем. Ние дали сакаме да го решиме проблемот? Времето не гази, изјави Гаши и информира дека ако кандидатот се повлече, постои можност од пријавените други кандидати да се изврши филтрирање на нов кандидат за избор на Народен правобранител.
Околу Изборниот законик, Гаши информира дека чека допис од министерот за правда Игор Филков за да може Собранието да ја формира работната група и да почне со работа.
– Чекаме писмо од нив и јас до пратениците ќе го доставам писмото, па пратеничките групи да предложат по двајца членови, да се формира работната група, па штом ќе дојде текстот да почне со работа работната група, рече тој.
Во однос на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој на брифинг кажал дека спикерот не пратил допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани и другите трагедии, Гаши потенцира дека не е точно.
-Не е точно. Ние сме ја донеле одлуката на седница. Пратеничките групи според член 3 на одлуката, треба да ги достават предлозите до Комисијата за избори и именувања. Таму треба да се предложи состав и потоа да го изгласаме на пленарна, рече тој.
Гаши нагласи и дека тој настојува да повикува на носење закони по редовна, а не по скратена постапка.