Храна и Пијалаци

Млечни кифлички

Овие меки и мирисни кифлички од млечно тесто се идеални за појадок, ужина или свечена трпеза. Лесни за подготовка, а можат да се полнат по желба – со сирење, шунка, виршли или да се остават празни. Совршен домашен рецепт што секогаш успева.

Млечни кифлички

Состојки:

  • 1 кг пченично бело брашно
  • 1 јајце
  • 1,5 дл масло
  • 50 грама путер
  • 1 кесичка сув квасец
  • 2 лажици шеќер
  • ½ лажица сол
  • 6 дл млеко

Подготовка:
Во малку млако млеко додајте го сувиот квасец и шеќерот. Оставете околу 10 минути да се активира квасецот, сè додека не се појават меурчиња. Потоа додајте го преостанатото млеко, јајцето, маслото и растопениот путер. Измешајте ги сите течни состојки во еден сад.

Во брашното додајте ги солта и шеќерот и промешајте. Потоа постепено додајте ги течните состојки и замесете меко тесто. Прво мешајте со дрвена лажица, па оставете го тестото да одмори 15 минути. Потоа премесете го на работна површина околу 5 минути и оставете го да нарасне околу 30 минути, додека не го удвои волуменот.

Нараснатото тесто внимателно ставете го на работната маса без дополнително месење. Лесно оформете ролна и исечете ја на 12–14 еднакви делови. Од секој дел направете топче и покријте ги да одморат околу 10 минути. Потоа секое топче развлечете го со оклагија, по желба додајте фил (виршла, шунка и кашкавал, свежо сирење или без фил) и завиткајте кифлички. Наредете ги во плех, покријте ги и оставете ги повторно да нараснат околу 30 минути.

Печете во претходно загреана рерна на 220 °C околу 25 минути, додека убаво не поруменат. По потреба, при крај може да се вклучи вентилаторот, во зависност од рерната.

Веднаш по вадењето од рерна, топлите кифлички премачкајте ги со малку путер или масло. Оставете ги кратко да се изладат пред сервирање.

To top