Свет сад

САД дозволија распоредување на 15.000 напредни Старлинк сателити

Американската Сојузна комисија за комуникации (FCC) соопшти дека го одобрила барањето на компанијата СпејсИкс (SpaceX) за распоредување во орбитата на уште 7.500 Старлинк сателити од втората генерација, со цел подобрување на интернет-услугите на глобално ниво.

САД дозволија распоредување на 15.000 напредни Старлинк сателити

Американската Сојузна комисија за комуникации (FCC) соопшти дека го одобрила барањето на компанијата СпејсИкс (SpaceX) за распоредување во орбитата на уште 7.500 Старлинк сателити од втората генерација, со цел подобрување на интернет-услугите на глобално ниво.

Со ова одобрение, СпејсИкс на Илон Маск ќе може да управува со дополнителни 7.500 Старлинк сателити од втората генерација, со што вкупниот број одобрени сателити достигнува 15.000 на светско ниво.

FCC истовремено му дозволи на СпејсИкс да ги надградува сателитите и да работи на пет фреквенции, укинувајќи дел од претходните ограничувања кои спречуваа преклопување на покриеноста и зголемување на капацитетот.

Комисијата соопшти дека дополнителните сателити ќе овозможат директно поврзување со мобилни уреди надвор од САД, како и дополнителна покриеност во рамки на земјата, што ќе овозможи мобилни услуги од нова генерација и интернет-брзини до 1 гигабит во секунда.

„Ова одобрение од FCC претставува пресвртница за обезбедување услуги од нова генерација“, изјави претседателот на FCC, Брендан Кар. „Со авторизацијата на 15.000 нови и напредни сателити, FCC му даде зелено светло на СпејсИкс да обезбеди невидени сателитски широкопојасни можности, да ја зајакне конкуренцијата и да помогне да не биде запоставена ниту една заедница.“

СпејсИкс побара дозвола за распоредување на речиси 30.000 сателити, но FCC соопшти дека засега одобрува само 15.000.

„Сметаме дека одобрувањето на дополнителни сателити е во јавен интерес, иако Старлинк сателитите од втората генерација сѐ уште не се тестирани во орбитата. Авторизацијата за преостанатите 14.988 предложени сателити, вклучително и оние предвидени за работа над 600 километри височина, засега се одложува“, се наведува во соопштението на FCC.

Комисијата нагласи дека СпејсИкс мора да лансира најмалку 50 проценти од максималниот број одобрени сателити од втората генерација, да ги распореди во доделените орбити и да започне со нивна работа најдоцна до 1 декември 2028 година, додека преостанатите мора да бидат лансирани до декември 2031 година. Компанијата, исто така, мора да го заврши распоредувањето на 7.500 сателити од првата генерација до крајот на ноември 2027 година.

Минатата недела Старлинк најави дека во текот на 2026 година ќе започне реконфигурација на својата сателитска констелација, при што сите сателити што орбитираат на висина од околу 550 километри ќе бидат спуштени на 480 километри, со цел зголемување на безбедноста во вселената.

Во декември Старлинк извести дека еден од неговите сателити доживеал аномалија во вселената, што предизвикало „мала“ количина вселенски остатоци и прекин на комуникацијата со леталото на висина од 418 километри – редок кинетички инцидент во орбитата за овој гигант на сателитски интернет.

СпејсИкс преку Старлинк стана најголем светски сателитски оператор, со мрежа од околу 9.400 сателити кои обезбедуваат широкопојасен интернет за потрошувачи, влади и деловни корисници.

Поранешната претседателка на FCC, Џесика Розенворсел, во 2024 година повика на поголема конкуренција за Старлинк, наведувајќи дека оваа мрежа тогаш контролирала речиси две третини од сите активни сателити.

To top