Од Мнистерството за здравство испраќаат информации во врска со двегодишното дете кое почина ноќва по полноќ, откако беше погодено со куршум во главата во текот на новогодишната ноќ.
Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг, информираат од МЗ.
-Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело. Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти, велат од таму.
Од Министерството уште еднаш апелираат до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје.
-Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални, велат од МЗ.