Научната дејност на австрискиот лингвист и македонист Карл Хрон ги побива историските фалсификати од соседите
Врз основа на моите студии на српско-бугарскиот спор, дојдов до убедување дека Македонците, како по својата историја така и по својот јазик, се посебна народност, значи ниту се Срби, уште помалку Бугари, туку се потомци на оние словенски прадоселеници што го населувале Балканскиот Полуостров веќе долго пред српската и бугарската инвазија, и кои подоцна со ниедна од овие две нации не се измешале… На кој јазик зборуваат Македонците? Може да се потврди дека македонскиот јазик со своите сопствени закони за развитокот на гласовите, како и според неговите граматички правила формира еден сопствен јазик што досега нема своја сопствена литература…
Ова го напишал австрискиот лингвист и македонист од чешко потекло Карл Хрон во својата книга со наслов „Народноста на македонските Словени“ („Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens“), објавена во 1890 година во Виена, во тогашното Австроунгарско Царство. Карл Хрон во својата студија со несоборлива научна објективност ќе ги образложи и ќе ги докаже самобитноста и развојот на македонскиот народ и македонскиот јазик, со што јасно ги побива историските фалсификати за Македонија изнесени во бугарските тврдења, пишува Свето Тоевски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Карл Хрон (1852-1912) е публицист и јазичар од чешко потекло, кој живеел во австроунгарската држава. Како еден од истакнатите европски испитувачи на Македонија, Хрон бил компетентен и квалификуван да утврди и да донесе правилна процена за македонскиот народ. За тоа сведочи неговата биографија во која пишува дека „за време на своето служење во австриската војска од 1869 до 1883 година извесно време поминува на Балканот“.
По напуштањето на воената служба работи како новинар. Во 1888 година бил уредник на будимпештанскиот весник „Пастер Лоис“. Во тоа време бил на патување низ Босна, Албанија и низ Македонија. Во Македонија, османлиските власти го затвориле како можен агитатор. По напуштањето на Македонија и краткиот престој во Унгарија, Хрон заминува во Австрија каде што работи како уредник на германскиот народен весник „Дојчен фолксблатес“ (Deutschen Volksblattes).
Во тоа време Карл Хрон е познат публицист, докажан со голем број написи за панславизмот, пангерманизмот и други теми актуелни за неговото време. Во 1889 година, вниманието на Карл Хрон ќе го привлече појавата на две книги посветени на Македонија, „Топографско-етнографски преглед на Македонија“ од Стефан Верковиќ и „Македонија и Стара Србија“ од Спиридон Гопчевиќ, во кои се застапени пробугарски и просрпски ставови. Како публицист што долго престојувал во јужнословенските земји и добро ги познавал јазиците и историјата на народите, а со тоа и политичките случувања, меѓу кои и македонското прашање, Карл Хрон ќе одговори на предизвикот на Верковиќ и Гопчевиќ, изнесувајќи ги своите сознанија за историјата на Македонија и етничкиот карактер на Македонците во студијата „Народноста на Македонските Словени“ (Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens). Појавата на книгата на Карл Хрон во Србија била жестоко критикувана, додека во Бугарија до денес апсолутно и не се споменува, како воопшто да не постои. Жестоките и втемелени погледи на овој македонист се исклучително значајни и актуелни и денес.
Во „Народноста на македонските Словени“, Карл Хрон, покрај другото, истакнува: „Во петтата глава се обидува Гопчевиќ да ја коригира светската историја… Но тој без сомнение нема да ме разубеди дека Македонците не се Срби, уште помалку Бугари, туку Македонци, и тоа директни потомци на оние Словени што ја населуваа Македонија уште долго време пред српската и бугарската инвазија, без да се измешаат подоцна со Србите или Бугарите…“
Натаму Хрон укажува дека „за оцена на националните односи се важни и следниве фактори од бугарската историја: (1) дека Македонците како за време на Првото, така и на Второто бугарско царство беа завојувани со Бугарите…; (2) дека Македонците секогаш имаа своја сопствена црковна организација, чија патријаршија се наоѓаше во Охрид… Ако се тргне од оваа мала историска скица… тогаш е невозможно да се прифати дека Македонците припаѓаат кон бугарските или српските племиња, а повеќе се чини дека, место со туѓи, тие се исполнети со сопствени елементи…“
Според Хрон, „во секој случај може да се докаже, како според нивната историја така и според нивниот јазик, дека Македонците не се ниту Срби, а уште помалку Бугари“.
– Македонците се посебен народ, имено директни потомци на оние словенски прадоселеници, кои го населувале Балканскиот Полуостров уште долго време пред српската и бугарската инвазија и кои не се измешале со ниту еден од овие два народа – посочува тој.
Хрон поентира: „Заклучок: Денешните акти за прашањето на националната припадност на Македонија сѐ уште не се затворени, а пред тоа да може конечно да се реши, ќе биде потребно непартијно и стручно, на самото место, да се соберат истражувачки извештаи за особеностите на јазикот, обичаите, навиките, традицијата, народните песни и др. Колку повеќе ја гледам целината на досегашните заклучоци, станувам сѐ поцврсто уверен дека посебната националност на Македонците ќе биде со напредувањето во испитувањата сѐ појасна и подокажлива“.
Оваа студија на Карл Хрон е своевиден пишан споменик за етничката и јазична засебност на македонскиот народ и таа допрва ќе добива уште поголема важност за него во борбата за конечно и вистинско решавање на македонското национално и јазично прашање.
Австрискиот научен придонес кон македонистиката и меѓународната афирмација на засебноста на македонскиот јазик
Во својот научен труд со наслов „Афирмација на македонскиот јазик во германскојазичните земји“ професорката д-р Даринка Маролова од Филолошкиот факултет на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип истакнува дека уште во 19 век најзначајните имиња на славистичката наука од Катедрата за славистика при Универзитетот во Виена, која важи за една од најзначајните во Европа, во своите изданија на речници, граматики и сл. користеле материјали од македонски ракописи што биле напишани на некогашниот црковнословенски јазик, но и од дела на познати македонски преродбеници како што се: браќата Миладиновци, Пулевски, Верковиќ и др.
– Во книгата „Народноста на македонските Словени“ (оригинален наслов „Das Volkstum der Slaven Makedoniens. Ein Beitrag zur Klärung der Orientfrage“ – „Етничката припадност на Македонските Словени. Прилог кон разјаснувањето на Источното прашање“), објавена во 1890 година во Виена, Карл Хрон изнесува факти за постоењето македонски народни говори, кои сочинуваат посебен јазик. Во рамките на истата школа, на која ѝ припаѓа Хрон, Ватрослав Јагиќ го истражува старословенскиот јазик и ја создава македонската теорија, според која се утврдува дека старословенскиот јазик се заснова врз јужномакедонските дијалекти од околината на Солун. Ватрослав Облак, ученикот на Јагиќ, ги продолжува истражувањата на својот учител и ја објавува книгата „Македонски студии“ (оригинален наслов „Mazedonische Studien“) во Виена во 1896 година – нагласува Маролова во споменатиот свој научен труд.
Таа истакнува дека, освен тоа, во рамките на Виенскиот центар се одбранети и неколку докторски дисертации: „Придонес кон карактеризацијата на јазикот на Македонците (со посебен осврт на битолскиот дијалект)“ – „Beitrag zur Charakterisierung der Sprache Makedoniens (unter besonderer Berücksichtigung des Dialektes von Bitola-Monastir“, одбранета од авторката Персида Вирет во 1947 година, потоа „Терминологија на современиот македонски јазик во областа на домашната наука со посебен осврт на заемките и нивната адаптација во македонскиот јазик“ – „Terminologie der makedonischen Gegenwartssprache im Bereich des Hauswesens mit besonderer Berücksichtigung der Lehnwörter und ihrer Adaptation im Makedonischen“, одбранета од авторката Христина Вилд во 1986 година, и други докторски дисертации од областа на македонистиката и македонскиот јазик.
Од 1978 година на Универзитетот во Виена, 12 години се изучувал македонскиот јазик. Наставата ја изведувале македонски лектор и некои професори од Универзитетот во Виена. Во Виена имало и Лекторат по македонски јазик, кој по распаѓањето на Југославија престанал да работи. Тамошните кадри продолжиле да држат теориска настава по македонски јазик.
Според податоците на Меѓународниот семинар за македонски јазик, култура и литература, меѓу постојните 11 македонски лекторати во светот нема повеќе македонски лекторат во Виена. Дали постои можност да се возобнови овој лекторат, имајќи го превид многу значајниот австриски научен придонес кон македонистиката и меѓународната афирмација на засебноста на македонскиот јазик?
Свето Тоевски