Република

Штипските советници го изгласаа буџетот за 2026 година

Штипските советници го изгласаа буџетот за 2026 година

Советот на Општина Штип го усвои буџетот за 2026 година, кој со блок-дотации изнесува над две милијарди денари, додека основниот буџет изнесува повеќе од една милијарда денари. Градоначалникот Иван Јорданов истакна дека буџетот предвидува реализација на повеќе капитални проекти кои ќе го модернизираат градот и ќе го подобрат сообраќајот и урбаната инфраструктура.

Меѓу капиталните проекти, кои се предвидени за реализација во новиот буџет се доизградба на булеварот „Гоце Делчев“, со што влезот и излезот на град Штип кон Скопје ќе добие модерен и современ изглед, потоа ќе се изградат два нови моста на река Брегалница, нова сообраќајница.

-Еден од тие проекти е булеварско уредување на влезот на град Штип, повеќе од 1,6 километри нов булевар, продолжение на булеварот „Гоце Делчев“, кој ќе овозможи модерен и сигурна сообраќајница. Нова сообраќајница во централното градско подрачје, која верувам дека ќе го намали сообраќајниот метеж на веќе постоечките улици „Вита Поп Јорданова“, „Мирче Ацев“ и „Љубен Иванов“, рече Јорданов.

Буџетот, како што додаде, исто така предвидува изградба на два нови моста на река Брегалница, тоа е практично поврзување на обиколницата, нов мост на река Брегалница кај месноста Плуждино со поврзување со Кежовица и уште еден помеѓу населбата Балканска и населба Баби со нова сообраќајница.

Јорданов додаде дека со новиот буџет предвдено е да се финансира и проектот за рехабилитација, реставрација и концервација на тврдината Исар.

Во рамки на буџетот е предвидено и завршување на веќе почнатите проекти, како спортскиот центар „Џексон“, обиколницата, како и мега паркот „Иднина“.

Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште ќе има и доста други проекти кои што во текот на следната година ќе се реализираат. Истите се за уредување на тротоарски површини, улици, паркови, промена на водовни мрежи и сл.

Јорданов во своето обраќање пред советниците на последната седница за оваа година посочи дека ќе има повторно инвестиции и во спортот, културата, образованието.

To top