Македонија колумна за миа

Животните приказни на Братислав Димитров: Дали играте девојко?

Во своето капитално дело „Швалер за една минута“, колегата Цанко Курбла напишал: „Танго се игра во секое време и на секое место“. Бадијала. Светот одамна е поделен на два дела. Едните пишуваат а другите не читаат. Јас сум повеќе по образованието.

Животните приказни на Братислав Димитров: Дали играте девојко?

Во своето капитално дело „Швалер за една минута“, колегата Цанко Курбла напишал: „Танго се игра во секое време и на секое место“. Бадијала. Светот одамна е поделен на два дела. Едните пишуваат а другите не читаат. Јас сум повеќе по образованието. Бев првенец на генерација. Во школо бев најдобар  по предметот ужинка. Од детски болести, прележав само вошки. За писмените по македонски јазик добивав тројка. Но во тоа време, тројка „на здрави нозе“ беше повредна од петка на „стаклени нозе“. Така станав писател, со извинење кон Достоевски, Џојс и Кафка. За разлика од денешниве беснотилаци, чепатлаци и падавичарења, ние најмногу игравме танго. Познато под љубовџискиот термин „лепенка“. Ете затоа при секое спомнување на зборот игранка, во очите на старите скопјани блеснува една далечна искра и тие веднаш ја спомнуваат легендарната „Соколана”. Јас се родив со извесно задоцнување и затоа ќе пишувам за игранките во салата на фабриката „Треска”.

Сите приказни почнуваа од нашето корзо. Стоиме пред слаткарницата „Кај трујачот“ и снимаме се што е женско и мрда околу нас. Сите сме уфирцани цакум-пакум, ама Цонка двои. Раскопчал жолта кошула и испрсил напред „еротски тепих” со златно ланче. Ги дува долгите шишки од челото. Пљуцка низ предните заби, со поглед на доктор Килдер и Клерк Гејбл, со мустачиња во најава. Истурил цела доза од оние мали шишенца бугарски мирис, за да не изветрее брзо на отворен простор.

И кога по 56-ти пат една Цеце (со маичка неколку броја помала) се обиде и овој пат да помине покрај нас како покрај турски гробишта, Цонка зема воздух од пола корзо, се испрси пред неа како споменик на незнаен јунак и лежерно ја праша: „Девојко, може да се запознаеме?” Девојката забрзува чекор и со зацрвенети обравчиња од незгодно, класично му одговара: „Не ширам познатства!”

Цонка се враќа на својата првобитна позиција. Се лепи на стаклото на слаткарницата како мува на шербет и комплетно разочаран ја изговорува втората класична реплика од тоа време: „Пушти ја, курва!” Во вакви тешки моменти хуморот е неизбежен. Од денешен аспект изгледа налудничаво и несфатливо но во тоа време беше сосема нормално. Секогаш се наоѓаше некој ајван што ти кине неколку влакна од градите и криејќи ги влакната помеѓу прстите, „духовито” те прашува: „Чифт или тек!?”

За Цонка оваа „шега” беше капак и тој веднаш ја напушти својата стратегиска позиција. Цели  седум  дена не се појави на корзото, што беше еден од најдобрите рекорди во тоа време. После дознавме. Цонка вежбал да вози веспа! И бидејќи цел живот вози „рено 2” (читај: кондури) за нашиот другар тоа било неверојатно комплицирана операција. И голем стрес, судејќи според неговата лимун фаца. Веспата беше италијанска. Џиш црвена. Таква црвена боја имаше само еден фустан на Мерлин Монро. Веспата беше на мојот братучед Досе, бог да го прости. Иако во тоа време во Скопје никој немаше таква (и вооошто) веспа, тој велукодушно му ја даде на Цонка за да ја извежба таа кратка релација, имајќи целосно разбирање за неговите љубовни секирации.  Планот беше едноставен и совршен.

Сабота е. Сите доаѓаат на игранка во „Треска”. Свират славните „Њу бојс” со Армен, Денки, Зоко, Гаро, Јово, Ѓоле и Тишлер. Во едно споредно уличе до старата фурна „Златен клас”, седи скриен на веспата нашиот јунак Цонка. Неколку копиљаци интелигентно се распоредени од влезот на салата па се до неговото предно тркало. Користејќи ги најдобрите традиции на нашата народна книжевност („од колено на колено”) копиљаците му ја соопштуваат најважната вест: Пред влезот конечно пристигнала и фамозната Цеце!

Цонка ја пали машината и зема силен залет… Добро, иако растојанието од стартната позиција до влезната врата на салата изнесува едвај 50-тина метри, Цонка имаше само неколку денови за вежбање. Останува мистерија дали воопшто се обидел да кочи но извесно е дека одлепи еден добар дел од малтерот на ѕидот! Во некои обични цивилни моменти „прегратката” со ѕидот ќе предизвикаше масовна смеа и сожалување но сега се сметаше за најефектно доаѓање на игранка. Се слушаа воодушевени коментари од кои едниот имаше посебна специфична тежина: „Види го чоече, вози ко Џемс Дин у најбољи дани!”. И додека Цеце го гледаше воодушевено а толпата завидливо, Цонка станува од врелиот асфалт, удира едно кратко шамарче по изренданото колено, ја баталува веспата и нападно лежерно влегува во салата.

Во сала сме. Ѕенѕаме на гласната и брза музика но секој од нас едвај го чека првото танго. Особено Цонка. На првите сентиш звуци, тој и се приближува на Цеце и со добро извежбан радиофоничен глас и се обраќа: „Дали играте девојко?” Цеце пред да подмочне од мерак, брзо одговара: „Да!”. Цонка тука ја пружа својата добро извежбана психолошка пауза и преку рамо и дофрла: „Штета. Јас не играм!”

Другиот ден сцената изгледаше вака: Место: Ресторан „Инвалидски дом”. Време: Точно на пладне. Ликови: Од едната страна на масата седи Цонка а од другата тројцата браќа на Цеце. Цонка има голема трема а овие тројцава имаат кошули со кратки ракави. Додатно завиткани за да може Цонка поубаво да ги воочи нервозните поигрувања на нивните истетовирани мускули. „Имаш некакви планови во животот?”, го прашува едниот. „Имам. Планирам да си станам и да си одам дома”, искрен е Цонка. „Ќе се напиеш нешто?”, се вклучува вториот. „Фала, не пијам”, одговара веспаџијата. „Мавни еден вињак, полесно да го поднесуваш ќотекот”-педагошки пристапува третиот. „Во тој случај, нека биде дупли”, предлага Цонка.

Го испи „на екс” проклетиот вињак со неколку светлечки ѕвездички пред очите и таман да си тргне накај дома, првиот брат го повтори своето славно прашање: „Ќе нѝ кажеш нешто за твоите животни планови?”

Во тоа време немаше демократија, невладини организации и феминизам. Имаше традиционални вредности.  Така Цонка тргна „за озбилно” со Цеце, која беше стасана за мажење. Кога еден ден открија дека нејзиното меше не е зголемено од редовната порција тавче-гравче, под хитно закажаа свадба. Погодивте. На големата веселба, најмногу играше Цонка. Види, подобро е да си женет отколку тепан од тројца браќа. И ден денес се случува да заигра. Најчесто „пипиревка”, кога Цеце ќе се налути.

А што да се прави? Такво беше времето. Какво е денес? Денес да се живи Аристотел, Леонардо да Винчи и Алберт Ајнштајн, нивните гласови на „демократски избори“ ќе вредат исто како и на тројцата браќа на Цеце.

Затоа од се срце (и се што е во мене) ви посакувам да играте танго со старата, Новата и сите наредни години!

Најнови вести од Македонија

To top