Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска беше во работна посета на објектот „Пеперутка 1“, во рамки на ЈДГ „8 Март“ во Драчево, заедно со Ѓоко Велковски, заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Македонија.
При посетата беше извршен увид во реализираните градежни зафати, со кои значително се подобрува безбедноста и квалитетот на престојот во објектот. Имено, целосно е реконструиран кровот на градинката, при што е отстранет азбестниот материјал, кој е прописно и безбедно депониран согласно сите важечки законски и безбедносни стандарди. Дополнително, се менуваат и олуците, а ќе биде поставен и громобран.
Во објектот моментално се згрижени вкупно 100 деца, распределени во четири воспитни групи: две групи деца на возраст од 2 до 3 години и две групи деца на возраст од 4 до 5 години.
-Позитивниот ран детски развој е темелот врз кој се гради иднината на секое дете, а наша обврска како локална самоуправа е да обезбедиме безбедни, здрави и современи услови и за најмладите, но и за вработените кои секојдневно се грижат за нив. Овој објект и во минатото бил предмет на реконструктивни зафати, а ние ќе продолжиме континуирано да инвестираме во негово унапредување. Подобрувањето на условите во градинките е траен процес и останува висок приоритет во нашата работа. Посебно ме радува добрата соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со заменик-министерот Велковски, која очекувам да продолжи и во наредниот период, со заедничка цел, подобра грижа за децата и нивна посигурна иднина- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.