Македонија Последните изјави на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се логично продолжение на една иста политичка линија што трае повеќе од две децении

Се стеснува обрачот за екстремистичките и скриено-радикални експликации

Денес, од оваа временска дистанца и со новите јавни закани за немири, дестабилизација и условување на уставниот поредок, станува сè појасно дека „човековите права“ биле политичка обланда, а вистинската била – сепаратизам, односно обид за менување на унитарниот карактер на Македонија, територијално и содржинско прекројување на Македонија преку политичко насилство, терор и страв

Се стеснува обрачот за екстремистичките и скриено-радикални експликации

 

Изјавите што деновиве ги дава Али Ахмети не се ниту изолирани ниту безопасни. Тие се логично продолжение на една иста политичка линија што трае повеќе од две децении – која никогаш суштински не ја прифати унитарноста на државата, туку ја третираше Македонија како терен за условувања, закани и уцени, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.
Во 2001 година, оружениот конфликт првично беше квалификуван како терористички акт. Подоцна, под силен меѓународен притисок, истиот конфликт беше политички ребрендиран како „борба за човекови права“. Но денес, од оваа временска дистанца и со новите јавни закани за немири, дестабилизација и условување на уставниот поредок, станува сè појасно дека „човековите права“ биле политичка обланда, а вистинската била – сепаратизам, односно обид за прекројување на Македонија преку политичко насилство, терор и страв.

Изјавите на Ахмети во контекст на меѓународното право

Деновиве, на страниците на весникот и на порталот „Нова Македонија“ значајно место зазеде анализата во врска со американскиот Закон за овластување на националната одбрана на САД, кој е длабоко поврзан и со стабилноста на земјите на Западен Балкан, вклучително и Македонија. И во денешново издание се прави посебен осврт на рефлексиите на овој закон врз поединци и групи, внатре во државите во Западен Балкан, каде што се препознаваат индикатори за генерирање етнички тензии, закани со насилство, екстремизам, сепаратизам итн. САД со овој закон најавуваат силна институционална пресметка со овие ретроградни сили. Токму ова е едниот аспект на силната конфронтација помеѓу ставовите на Ахмети (ДУИ) од една страна и законската регулатива на САД од друга страна, која со новиот закон најавува бескомпромисна борба против ваквите екстремистички тенденции. Заканата со насилство – дури и кога не е реализирана – претставува повреда на меѓународното право.
Имено, според Повелбата на Обединетите нации (член 2 став 4), строго е забранета закана или употреба на сила против територијалниот интегритет и политичката независност на државите. Дополнително, Декларацијата за принципите на меѓународното право (Резолуција 2625 на Генералното собрание на ОН) јасно утврдува дека правото на самоопределување не смее да се користи за разнебитување на постојна суверена и унитарна држава. Малцинските права се заштитени, но тие не создаваат право на отцепување, федерализација по сила или уставна уцена.
Во еден таков контекст, кога политички лидер јавно најавува блокирање институции, условување избор на влада, немири доколку не се прифатат неговите барања, тоа не е политички став, туку форма на политичка принуда. Во меѓународното кривично право, континуираната употреба или закана со насилство за постигнување политички цели е еден од клучните елементи во дефиницијата на тероризам, без разлика дали актерот подоцна бил легитимиран во политичкиот процес.

Меѓународната заедница и селективната слепост

Факт е дека во 2001 година меѓународната заедница избра стабилност наместо правда. Но стабилност изградена врз неказнивост не е стабилност – туку одложен конфликт. Денешните изјави се доказ дека идеологијата никогаш не се променила, туку само формата на дејствување. Постоењето отворен предмет поврзан со настаните од 2001 година во рамките на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија не е политички прогон, туку правна реалност. Хаг постои токму за вакви случаи – кога политичките компромиси ја потиснале правдата. Истата таа меѓународна заедница што со години го третираше како „фактор на стабилност“, денес има морална и правна обврска да го направи она што одамна требаше: да го седне своето галениче и да го вразуми, барајќи соодветно дефинирана одговорност. Не со нови договори зад затворени врати, не со премолчени закани, туку со јасна порака дека уцени, дестабилизација и закани со немири не се политички алатки, туку кршење на основните принципи на правото: и на внатрешното право на Македонија, но и на меѓународното право. А историјата сведочи дека за секое понатамошно толерирање на ваквото однесување, цената секогаш ја плаќаат – граѓаните. П.Р.


Социјалистичката партија бара институционална реакција кон ДУИ оти нејзините барања ги кршат Уставот и законите

„Под формата спроведување на рамковниот договор, Ахмети бара примената на принципот на бадинтер да се прошири и за извршната власт при избор на влада и за донесување на одлуките на Уставниот суд. Тој бара да се подредат државата и системот под владеење на ДУИ. Да се минимизира важноста на мнозинството во државата, а да се мајоризира малцинството. Тоа се апсурдни и неприфатливи барања, кои не постојат во ниеден правен систем. Конгресните предлози, кои ги формулира претседателот на ДУИ, Али Ахмети, се насочени кон уривање на уставниот поредок и слабеење на државата! Ахмети ја замислува демократијата со вткаен великоалбански шовинизам, кој не се ни обидува да го скрие!“, оцени Социјалистичката партија на Македонија во својата саботна реакција, додавајќи дека има силни елементи кај овие барања во прилог на аргументите дека истите се – противзаконски.
– Наместо унитарна, ДУИ предлага нестабилна држава, во која малцинството ќе го подреди мнозинството и ќе предлага одлуки што ќе ја блокираат државата и кои се против интересите за нејзин развој. Социјалистичката партија на Македонија се залага за правна и демократска држава на сите граѓани, во согласност со Уставот и законите, што е веќе уредено и признаено во меѓународни рамки. Секое барање надвор од тоа е против интересите на граѓаните, државата и на македонскиот народ, но и против системот. Тоа е надвор од законот и претставува и повод за институционална реакција! – реагираа од оваа политичка партија.

Најнови вести од Македонија

To top