„Кога заминува актер, не заминува само човек, заминува цел еден свет, цел еден универзум што тој го создавал на сцена. Со силен аплауз да го испратиме универзумот на Лазе Манасковски“- со овие зборови во името на македонското глумиште директорот на Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски, му оддаде последна почит на истакнатиот македонски театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски.
Во присуство на семејството, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денес во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерот Лазе Манасковски.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска- Давкова се истакнува дека: „Лазе Манасковски оствари незаборавни ролји во кои беспоштедно се вложуваше, предавајќи се на божицата Талија. Ќе го помниме него и ликовите кои со жар и со љубов ги толкуваше, вдахнувајќи им живот и давајќи им уметнички печат“.
Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Се простувам од човек со кого делев сцена, време и професија, од уметник чија посветеност, тивка сила и длабока човечност оставија трајна и неизбришлива трага во македонскиот театар. Лазе Манасковски беше актер кој не се штедеше себеси, кој со искреност и достоинство ја живееше уметноста и ѝ служеше со целото свое битие. Ќе недостасуваат неговиот глас и енергија што ја носеше со себе. Изгубивме колега од кој се учеше за професијата, но и за човечноста“.
Телеграми со сочувство беа испратени од колегите од повеќе македонски театри како и од Факултетот за драмски уметности. На комеморацијата последен поздрав упатија актерот Благоја Чоревски, а со свое емотивно обраќање пред присутните се обрати синот на Лазе, актерот Симон Манасковски.
Актерот Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 година во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1982 година. Во Драмскиот театар е вработен во 1983 година каде што е професионално ангажиран сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Во театрографијата на неговата матична куќа останува забележено дека Лазе Манасковски на сцената на Драмскиот театар дебитира уште како студент со улогата Тајниот пират во детската претстава „Џон Пиплфокс“, по која остварува улоги во повеќе од педесетина претстави.
Дел од ликовите што ги игра Манасковски во театарот се: Славко Милосавлевиќ во „Карамазови“, Јован во „Салома“, Стеван Савски во „Собирен центар“, Роже во „Балконот“, Калибан во „Бура“, Хеликон во „Калигула“, Били во „Маратонците го трчаат почесниот круг“, Даме во „Кумови“, Дезертер во „Вазна од порцелан“, Бејбифејс во „Ова не е американски филм“, Дон Гусман во „Свадбата на Фигаро“ или „Налудничав ден“, Помладиот брат во „Дунек“, Егеј и Гоце Гладник во „Сон на летната ноќ“, Херера во „Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид“, Брендан во „Поручникот од Инишмор“, Коле Сукало во „Сон на летната ноќ“, Духот во „Хамлет“, Киро Стап во „Чија си“, Димитрија во „Буре барут“, Раде Кепевски во „Како да се ограби банка?“, Поул во „Фестен“, и во последната негова претстава во продукција на Драмскиот театар го игра ликот на Мак-Бум во „Пантаглез“.
Манасковски остварува и повеќе филмски и телевизиски улоги. Публиката го памети по ликовите од филмовите: „Сенки“ „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“, „Кајмак“ и во телевизиските серии: „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Тврдокорни“, „Македонија може“, „Чудовиштата во нашиот град“, „Во светот на бајките“, „Заведени“, „Фамилија Марковски“, „Преспав“, „Бистра вода“ и многу други.
Македонскиот уметник, актерот Лазе Манасковски, беше погребан во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.