Индонезија денес има 127 активни вулкани, а околу 15 милиони луѓе живеат во состојба на готовност поради можни ерупции, објави Геолошката агенција при индонезиското Министерство за енергетика и минерални ресурси. Раководителот на Центарот за вулканологија и ублажување на геолошките опасности на Геолошката агенција, Пријатин Хади Виџаја истакна дека оваа 2025 година, до средината на декември, имало три вулкани со статус на ниво 3.
– Тоа е „состојба на готовност“. А пак, 24 други вулкани биле во статус на ниво 2, или „статус на предупредување“. Според нашите проценки, бројот на луѓе што живеат околу вулканите во состојба на готовност ќе достигне 15 милиони, а подготвеноста и почитувањето на препораките се важни за минимизирање на опасноста од катастрофи, изјави Виџаја.
Центарот има издадено низа безбедносни совети, вклучувајќи и забрана за активности во југоисточниот сектор долж Бесук Кобокан до 13 километри од врвот и ограничувања во радиус од пет километри од кратерот, поради потенцијална опасност од исфрлени материи.
Покрај за ерупција, Геолошката агенција предупреди и за можно паѓање пепел и лавини, особено кога силината на дождот е зголемена. Се очекува врвот на дождовната сезона да трае до крајот на јануари 2026 година и има потенцијал да го зголеми влијанието на вулканската активност во ранливите области. Како земја на Тихоокеанскиот огнен прстен, Индонезија има високо ниво на ранливост на геолошки катастрофи.