Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за ТВ21 одговарајќи на прашање за црните листи на САД во корелација со одлуката на Владата дека американската и британската црна листа ќе бидат земени предвид во македонските закони, потенцираше дека соработката со САД, ЕУ и Обединетото кралство на стратешко ниво со овие чекори се продлабочува токму на најважните принципи како што се борбата со криминалот и корупцијата.
„Ние вчера донесовме еден предлог, којшто ќе биде операционализација преку позитивните законски прописи во однос на лицата или правните субјекти коишто се наоѓаат на црната листа или на САД или на Обединетото Кралство, сѐ со цел да може да се отвори простор преку органите на системот, преку правосудните органи да се завршат одредени постапки коишто, пред сѐ, се во функција на јакнењето на борбата против криминалот и корупцијата. И тоа е основата на одлуките и јасниот едногласен израз на политичката волја на Владата“, истакна министерот Спасовски.
Спасовски објасни дека преку донесување на вакво законско решение ќе се штити интересот на граѓаните и јавноста, сите постапки коишто ќе значат негова операционализација, како што се забрана за учество во јавни набавки или во политичкиот живот, ќе бидат утврдени со тоа законско решение.
Во делот од разговорот посветен на борбата против корупцијата во која само оваа година има утврдено штета од 6 милиони евра од случаите реализирани од страна на МВР, Спасовски потсети дека бројките покажуваат зголемена ефикасност во откривањето на коруптивните зделки, но и дека системот мора да биде ефикасен од почетокот до самиот крај на процесирање на случаите, што ќе придонесе за зголемување на довербата во институциите.
„Споредбено од 2021 до 2023, имаме скоро за 50% зголемување на откривањето на кривични дела коишто се коруптивни, се побрзани со корупција. Имаме дури двојно зголемување на сторителители на кривичните дела и вкупната штета во 2023 година е некаде околу 6 милиони евра. Тоа покажува дека политичката волја се артикулира низ институциите на системот и тоа е процес низ којшто треба паралелно да јакне јавната свест во делот на борбата против корупцијата, меѓутоа да јакнат и институциите, сѐ со цел да бидат ефикасни. Кога зборам за консолидација на системот тоа значи сите институции коишто се задолжени против копрупцијата да функционираат до крај, да имаме брза и ефикасна постапка, во предистражната постапка на МВР, финансиската полиција, царината, било кој од органите за спроведувањее на законот, преку јавното обвинителство да заврши истрагата. За оние за коишто се утврдило дека се сторители на кривични дела, да отидат пред судските органи, да имаме брза и ефикасна постапка и на крајот да имаме систем во којшто ќе се носи одговорност и нелегално стекнатиот имот ќе биде конфискуван во име на државата. Само тогаш кога ќе се затвори целиот тој круг и кога граѓаните ќе можат јасно да видат дека не само почетокот, туку крајот на целата постапка е затворен, тогаш вербата во институциите ќе биде на високо ниво”, дециден беше министерот Спасовски.