Италијанската премиерка Џорџа Мелони, пред заминувањето на самитот на Европската унија во Брисел, изјави дека земјата е „отворена за секое решение“ во врска со замрзнатите средства на руската Централна банка, како и дека нема да испраќа војници во Украина.
Мелони во италијанскиот парламент истакна дека користењето на руските замрзнати средства „без цврста правна основа“ во овој момент „би ѝ ја донело на Русија првата вистинска победа“, пренесува Анса.
Таа повтори дека италијанската влада „нема намера да испраќа трупи во Украина“. Исто така, најави дека Италија ќе го формализира своето барање за прекин на постигнувањето на договорот со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур (Mercosur). Според неа, овој договор треба да се потпише дури кога во него ќе бидат вклучени гаранции за европските земјоделци.
Во врска со корупциската афера во Украина, во која беа вклучени и високи функционери блиски до украинскиот претседател Володимир Зеленски, Мелони изјави дека Италија нема да го прекине финансирањето на земјата, но додаде дека ја „следи корупцијата“ и оти потезите на Киев се „охрабрувачки“.