Во време кога медиумите сè почесто се губат во дневни сензации и увезени формати, сè погласно се поставува прашањето: кој ќе ја преземе одговорноста за зачувување на нацијата и идентитетот, јазикот, културата и националната меморија на македонскиот народ? Јавниот радиодифузен сервис не е обична медиумска институција, тој е огледало на државата, на нејзината традиција, јазик, музика и духовен континуитет.
Нашиот соговорник, Сотир Сотировски – медиумски професионалец со долгогодишно искуство и јасно изразен про-национален вредносен став, во јавноста сè почесто се препознава како човек кој ја разбира оваа улога во нејзината целосна тежина. За него, МРТВ не треба да биде само технички сервис што емитува програма, туку активен чувар и креатор на националниот идентитет и македонската култура.
Во неговиот пристап, културата не е маргинална содржина, туку централен столб. Особено јасно ја нагласува потребата од системска поддршка на македонската музика – од изворниот фолклор, преку традиционалната песна, до современи автори и нови жанрови. Телевизијата и радиото, според Сотировски, мора повторно да станат центар за создавање, промоција и архивирање на македонската музичка продукција, преку музички емисии, фестивали, тематски вечери, топ-листи и постојано емитување на новосоздадена домашна музика.
„Нацијата што не ја слуша својата музика – полека го губи својот глас,“ е став што често може да се препознае во неговите јавни настапи. За него, фолклорот не е минато, туку жива културна сила која треба да се негува, современо да се интерпретира и достоинствено да се претставува пред новите генерации. “Јавниот сервис, токму затоа, мора да биде институција што го поврзува минатото со иднината, традицијата со современоста.” – вели Сотировски на оваа тема.
Факт е дека музиката има значајна улога и во конструирањето на националниот идентитет. Таа создава симболи и звучни обрасци преку кои една заедница се препознава и се идентификува. Националните, патриотските и авторските песни, како и музиката поврзана со значајни историски настани, придонесуваат за зајакнување на колективната меморија и чувството на припадност.
Она што го издвојува Сотировски е и неговото уверување дека националниот идентитет најдобро се брани со стратешки креирани содржини. Со квалитетни научно – образовни содржини и културни програми, документарни серии, емисии за историјата, јазикот, обичаите и духовното наследство, МРТВ може повторно да стане место каде граѓаните се препознаваат себеси како дел од заедничка приказна.
Не како човек на дневната политика, туку како професионалец со јасна визија, Сотировски ја разбира одговорноста и тежината на институцијата што треба да предводи во овој процес.
“МРТВ мора да излезе од оваа летаргија што долго ја држи и да стане силен национален медиумски сервис што ќе инвестира во сопствена продукција, што ќе ја зајакне културната самодоверба и ќе биде столб на македонскиот идентитет во медиумскиот простор. Во време кога државата има потреба од стабилни институции и јасни вредности, ваквиот пристап не само што е пожелeн-туку тој е и неопходен” – појаснува Сотировски и вели:
“Домашната продукција овозможува употреба и афирмација на македонскиот јазик во неговиот природен, секојдневен и уметнички контекст. За разлика од синхронизираните или увезени странски содржини, домашните серии и филмови го прикажуваат јазикот како жив комуникациски систем, со неговите стилски регистри, дијалекти и културно обележани изрази. На тој начин се зајакнува јазичната самосвест, особено кај младата публика, и се спречува доминацијата на туѓи јазични модели.
Понатаму, сопствената сериска и филмска продукција игра клучна улога во конструирањето и пренесувањето на националните наративи.
“Преку ликови, приказни и драматуршки структури што произлегуваат од локалниот историски, социјален и културен контекст, се артикулираат искуства, вредности и дилеми препознатливи за домашната публика. Овие наративи придонесуваат кон формирање на заедничка културна рамка и чувство на припадност” – заклучува Сотировски.