Премиерата на претставата „Болва в уво“ ќе се игра денеска во 20 часот во Драмски театар.
Режисерот Синиша Евтимов вчера се заблагодари за укажаната доверба во Драмски театар да ја режира „Болва в уво“. Најпознатиот текст на францускиот драмски писател Жорж Фејдо напишан во 1907 година, во Драмски е поставен во седумдесеттите години и претставата има 456 изведби.
„Предизвикот беше дотолку поголем, што култната претстава во Драмски сум ја гледал како ученик во основно училиште и сега по 30 години професионално работење како режисер, едноставно уживав во работата во жанрот, да направам ново исчитување на текстот, а притоа да ја задржам ‘равенката’ што ја поставил Фејдо. Новото читање и адаптацијата подразбира универзален јазик и хумор што координира со реалноста и актуелното време и ги поврзува универзумите што често го користам на сцена. Најголемото технолошко достигнување во претставата е телефон со жица“ – појасни режисерот Евтимов.
Актерската екипа во претставата, во најголем дел ја сочинуваат актери од најмладата генерација на ансамблот на Драмски и тие едногласно го изразија задоволството што работат со режисерот Евтимов кој за време на процесот на подготвување на претставата со мали насоки им ја дал целосна слобода во креирањето на ликовите. Актерот Стефан Вујисиќ таа поддршка и слобода дадена од страна на режисерот ја опиша како „танцување низ процесот“ што им помогнала со вонредна леснотија да ја подготват претставата за само 36 работни дена и покрај фактот што станува збор за исклучително динамична претстава со многу влегувања и излегувања на сцената.