Претставници од општините Куманово и Ќустендил учествуваа на денешниот втора работилница која се одржа во Куманово во рамките на прекуграничниот проект „Урбано зазеленување за здраво дишење“. Проектот како што информираа надлежните е финансиран во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу двете држави, чии партнери се општините и Центарот за развој на североисточниот плански регион.
– Ова е втор тренинг. Се работи за проект од ЕУ од ИПА 3 програмата. Станува збор за зелена инфраструктура и урбано раззеленување за поздраво дишење. Дел од активностите треба да ги спроведе Центарот, мапирање на потребите од раззеленување на двата града, изработка на стратегија и акциски план, изјави директорот на Центарот, Младен Протиќ.
Проектот е насочен кон постигнување одржлив развој на зелената инфраструктура на ќустендилско – кумановскиот регион, со што би се постигнала синергија со останатите елементи на животната средина. Целта на проектните партнери е ефикасно управување и развој на зелената инфраструктура, што е остварливо со доследни институционални мерки, професионално спроведени, со вклученост на јавноста, со примена на современи технолошки пристапи и разумна потрошувачка на ресурси за подобрување на животниот стандард.
Николај Дочев, заменик-градоначалник на општина Ќустендил, рече дека заеднички ќе реализираат проекти за двата града, кои треба да станат „позелени“, со повисок квалитет на животот на граѓаните.
Инженерот за заштита на животна средина, Методија Саздов објаснува дека „зелената“ урбана инфраструктура не се само зелени површини, туку инфраструктура која во урбаните заедници придонесува за отпорност кон природни непогоди.
– Не станува збор само за паркови, зелени површини, туку инфраструктура која може да се стави во функција на намалени влијанија на климатски промени, прифаќање на големи количини на дождови. Површина која треба да се заштити и да понуди решенија како градовите да се заштитат од поплави, ерозија, свлечишта. Сето ова го гради концептот за зелена инфраструктура. Едно од светските чуда се висечките градини на Вавилон, уште пред илјадници години била поставена зелена инфраструктура која има благодети за населението, чист воздух, заштита од ерозија, изјави Саздов.
Тој посочи дека во минатото, за време на поранешна Југославија, екстремно се вложувало во засадување, пошумување, но не кампањски, туку системски, чии благости ги уживаат сегашните генерации.
Со проектот ќе се изградат нови зелени површини во Куманово и Ќустендил Република Бугарија.
– Самите општини треба да инвестираат во таква инфраструктура, подигнување на нивото на отпорност на заедницата од природни непогоди, а со тоа и пејзажната вредност на зеленилото, изјави Саздов.
Освен, воведувањето зелена инфраструктура во овие два града со проектот на регионално ниво ќе се изработи и стратегија за зелена инфраструктура, акциски планови, кампања за подигнување на јавната свест и градење капацитети.