Свет план на кој се противи Белгија

Заседание на Корепер во обид да се разубеди Белгија околу „заемот за репарации“ за Украина

На октомврискиот Самит на ЕУ, лидерите на земјите членки на Унијата се обврзаа дека ќе обезбедат средства за финансиска поддршка на Украина за 2026 и 2027 година и ја задолжија Европската комисија да подготви план со опции за обезбедување на овие средства.

Заседание на Корепер во обид да се разубеди Белгија околу „заемот за репарации“ за Украина

На дневниот ред на денешниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) меѓу останатите точки е и предлогот за исплата на т.н. „заем за репарации“ на Украина, план на кој се противи Белгија.

Предлогот на Европската комисија за „заемот за репарации“ предвидува користење на 165 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.

Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства, односно речиси 180 милијарди евра, се противи на ваквиот план, тврдејќи дека нивното користење би можело да го наруши нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства. Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка и бара цврсти гаранции од други земји членки на ЕУ дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да ѝ се вратат на Русија.

На денешното заседание на Корепер се очекува амбасадорите да го разгледаат најновиот предлог на Еврокомисијата за овој план доставен минатата недела, кој вклучува и некои од забелешките на Белгија. Сепак, белгискиот премиер Барт де Вевер оцени дека иако новите предлози на Еврокомисијата „еволуираа во корист на Белгија“ во однос на првичниот план, тие сепак сè уште не ги исполнуваат „ниту минималните услови“ на кои инсистира белгиската Влада.

Според Де Вевер, Белгија е подготвена да „направи жртви“, но не може од неа да се бара „да го направи невозможното“. – Ние не поставуваме неразумни барања. Белгија никогаш нема да се согласи сама да ги сноси ризиците од таквата постапка, изјави Де Вевер.

Во вакви услови, проценките се дека шансите Белгија денеска да се согласи на планот се речиси еднакви на нула, па оттаму предлогот за „заемот за репарации“ е на дневниот ред и на следното заседание на Корепер, закажано за в петок, а доколку ни тогаш не биде постигнат договор, се предвидува вонреден состанок на амбасадорите в недела.

Целта на ваквата засилена дипломатска активност е да се постигне договор за прифаќање на планот пред состаноците на советите за надворешни работи и за општи работи, закажани за в понеделник, односно вторник, како и пред Самитот на ЕУ предвиден за 18 и 19 декември, на кој планот би бил само формално одобрен.

На октомврискиот Самит на ЕУ, лидерите на земјите членки на Унијата се обврзаа дека ќе обезбедат средства за финансиска поддршка на Украина за 2026 и 2027 година и ја задолжија Европската комисија да подготви план со опции за обезбедување на овие средства.

ЕК инсистира дека „заемот за репарации“ е најприфатливо решение, споредено со останати две предложени опции – земјите членки индивидуално врз основа на билатерални договори да ѝ исплатат грантови на Украина или ЕУ да се задолжи дополнително на пазарите на капитал преку издавање на еврообврзница.

Проценките се дека доколку не биде постигнат договор за поддршка на Украина, земјата од април следната година ќе остане без пари за покривање на основните потреби.

Поради ова, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта најави дека ќе инсистира на постигнување на договор за време на претстојниот Самит на ЕУ, додавајќи дека доколку е потребно, тој ќе трае „сè додека не биде постигнат позитивен заклучок“.

Во првичниот предлог на заклучоци за декемврискиот Самит на ЕУ се нагласува единството на земјите членки во обезбедувањето долгорочните безбедносни гаранции за Украина и се повикуваа на напредок во постапката за создавање Специјалниот трибунал за злосторствата извршени во текот на агресијата врз земјата, но нема детали за начините за покривање на украинските финансиски потреби. (МИА)

To top