Вчера започна реконструкцијата на дел од главната улица во населеното место Василево на делот од Домот на културата и паркот Методиј Митев до објектот во кој е сместена амбулантата и канцелариите на ЈПКД „Турија“, Василево. Реконструкцијата е после поставувањето на системот за фекална канализација и истата ќе финализира со поставување на нов асфалт во споменатата должина, со што улицата ќе биде целосно оспособена за нормално функционирање и користење од страна на сите учесници во сообраќајот.
„Започнуваме со реконструкција на главната улица во Василево. По поставувањето на фекалната канализација, продолжуваме со нов важен инфраструктурен зафат. Асфалтирањето на главната улица значи голем чекор напред – со овој проект граѓаните на Василево добиваат современо уредена и безбедна улица, достојна за едно модерно место. Работиме чекор по чекор, проекти кои носат видливи промени! Чекор по чекор ги исполнуваме, обврските кон нашите граѓани“, стои во ФБ објавата на градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, по неговата вчерашна посета и направениот увид во работата на трасата каде што се одвиваат споменатите активности.
Од вчера, па во наредните неколку денови додека трае реконструкцијата, овој дел од улицата е затворен за сообраќај, за што општина Василево преку соопштение ги информираше граѓаните кои во споменатиот период ќе треба да ги користат околните улици.