Пациентите со депресија и други болести коишто не реагираат добро на стандардните терапии, од следната 2026 година ќе може да примаат лековити препарати од „Псилоцибин“ – активната состојка во таканаречените „магични печурки“.
Антидепресивите им помагаат на околу 70 отсто од пациентите, додека психоделиците може да понудат ефикасна алтернатива за преостанатите 30 проценти. Иако властите воведоа строги правила што дозволуваат терапевтска употреба на овој лек, Чешка е првата европска земја што дозволи употреба на психоделици за лекување депресија. Новите упатства, изготвени од Психијатриското здружение при Чешката медицинска асоцијација, детално опишуваат кој може да ја користи терапијата и под кои услови.
„Докажана е ниската токсичност на ‘Псилоцибинот’, како минимален до никаков ризик од зависност и високиот безбедносен профил“, соопшти Министерството за здравство.
„Псилоцибинот“ ќе се користи во терапевтски сесии што обично траат околу шест часа и се спроведуваат во присуство на двајца квалификувани терапевти. Досега, ваквата терапија беше достапна само во рамките на научни истражувања. Се очекува промената да влијае на релативно мал број пациенти, но според чешките медиуми, таа претставува „значаен чекор“ во развојот на психијатриската грижа.
Дозата ќе се определува според тежината на пациентот и таа не може да надмине 75 милиграми месечно.
Во Чешка има неколку десетици специјалисти кои можат да управуваат со таква терапија. Повеќето се наоѓаат во Прага и вториот по големина град – Брно.
Директорот на Националниот институт за ментално здравје, Јиржи Хорачек изјави дека точниот датум на почеток и идниот опсег на пристап ќе зависат од здравствените осигурители. Тој истакна дека оваа состојка ќе може да се користи и за лекување други психијатриски состојби за коишто нема делотворни третмани – како што е депресијата по дијагноза на рак.
Според стручните наводи, речиси една третина од возрасните во Чешка имаат некаква ментална состојба – и тоа една од водечките причини за боледување и пензија поради болест. Околу 700.000 луѓе живеат со депресија или анксиозност. Во 2015 година, земјата го легализираше и медицинскиот канабис, најчесто користен лек за болка, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис и рак.