Дел од можностите што ги нуди слободата на говорот е и да се даваат дури и сосема луди изјави, порача денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо во одговор на новинарско прашање за коментар на објавата на сопственикот на Икс, Илон Маск во која тој „ја спореди ЕУ со Хитлерова Германија“.
Реакцијата на Маск уследи откако Европската комисија во петокот му изрече казна на Икс од 120 милиони евра, поради, како што оцени, прекршување на правилата за транспарентност утврдени со Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ.
– Претпоставувам дека изрекувањето казна на компанијата на господин Маск, не предизвика негова симпатија кон ЕУ. Инаку, нема што друго да се коментира, рече Пињо.
Во реакција на одлуката на ЕК, Маск реобјави коментар на еден корисник на Икс, кој напиша дека Европската Унија е „Четвртиот рајх“, заедно со слика на која се гледа како знамето на ЕУ се лупи и под него се открива знамето со свастика на нацистичка Германија.
Маск оцени и дека ЕУ претставува „тиранска неизбрана бирократија која го угнетува народот на Европа“ и дека треба да биде укината. Дополнително, Икс го избриша и профилот за реклами на Европската комисија.
На изречената казна реагираше и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој во објава на Икс наведе дека тоа не е само напад врз оваа социјална мрежа, туку и врз „сите американски технолошки платформи и американскиот народ од страна на странски влади“, додека амбасадорот на САД во ЕУ, Ендрју Пуздер викендов оцени дека санкцијата претставува „пречекорување на регулативата, што е насочена против американските иновации“.
Нападите врз ЕУ во врска казната за Икс, се надоврзаа на критиките на сметка на Унијата изнесени во Стратегијата за национална безбедност на САД, објавена минатата недела.
Во неа, меѓу останато се оценува дека европскиот континент е на „пат кон цивилизациско бришење“, дека ЕУ претставува „закана за демократијата“ и се ветува американска помош „за исправање на сегашна траекторија на Европа“.
На одговор на новинско прашање дали ЕК „ги споделува истите идеали за иднината на Европа“ со Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изнесени во Стратегијата, Пињо изјави дека Европската Унија самата ги носи одлуките кои се поврзани со неа и се однесуваат на неа.
– Кога станува збор за одлуки поврзани со Европската Унија и за Европската Унија, тие ги носи самата Европската Унија, тие ги вклучуваат и оние што се однесуваат на нашата регулаторна автономија и на заштитата на слободата на говорот и на меѓународниот поредок, рече Пињо.