За време на војната против Украина, во Русија пораснал бројот на луѓе кои веруваат во постоењето на тајни организации кои управуваат со настаните во земјата и светот, произлегува од резултатите од анкетата на Серускиот центар за проучување на јавното мислење (VCIOM), што ги пренесе Москоu тајмс (The Moscow Times).
Во 2022 година, 37 отсто од Русите признале дека веруваат во постоењето на тајна светска влада, додека во 2025 година, тоа го изјавиле веќе 40 отсто од испитаниците. Истовремено, 46 отсто од Русите одбиваат да веруваат во оваа теорија на заговор.
Пред сè, идејата за тајна влада која управува со светот се проширила меѓу луѓето од постарата возраст и публиката на државната телевизија.
Така, меѓу Русите родени од 1948 до 1967 година, во оваа теорија веруваат 50 отсто од испитаниците, додека меѓу младите родени по 1992 година, такви има само 26 отсто.
Притоа, како што истакнува VCIOM, вербата во теориите на заговор обично расте во периоди на длабоки општествени пресврти и неизвесност.
– Теориите на заговор го пополнуваат информацискиот вакуум и им нудат на луѓето едноставни одговори на сложени прашања — било да станува збор за текот на светските настани, мотивите на политичките одлуки или причините за економските кризи, објаснија социолозите.
Како пример, тие ја наведоа анкетата од 1992 година, кога по распадот на СССР, 48 отсто од Русите одговориле дека веруваат во тајни организации, додека 26 отсто изјавиле дека не веруваат.
Слично истражување VCIOM спроведе и во 2023 година, кое покажа дека Русите меѓу актерите на светската влада ги вбројуваат: – Олигарси и милијардери: 25 отсто; Претседателот на САД и американската елита: 19 отсто; Масони: 4 отсто; семејството Ротшилд: 3 отсто и семејството
Рокфелер: 2 отсто.
Социолозите појаснија дека светската влада во претставите на Русите главно се состои од припадници на „англосаксонскиот свет“. Уделот на поддржувачите на ова гледиште порасна по почетокот на инвазијата во Украина. Така, во 2014 година, само 8 отсто од Русите ја вбројувале Америка во „светската влада“, а Британија – еден процент.
Во друга анкета спроведена во 2024 година (Rambler&Co), секој десетти Русин изјавил дека е подготвен да поверува во постоењето на вонземски живот доколку за тоа го каже претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. Уште 6 отсто би се согласиле да им поверуваат на официјалните медиуми, додека на пријателите во ова прашање би им поверувале само три отсто од испитаниците.