Европскиот парламент и Советот на ЕУ доцна синоќа постигнаа договор за измени на Законот за дефорестација, со кои се предвидува одлагање на примената на неговите одредби за уште една година и се вметнува одредба и за можно негово дополнително преразгледување и пролонгирање во текот на 2026 година.
Законот стапи во сила во јуни 2023 и тогаш како рок за целосна примена на неговите одредби беше утврден 30 декември 2024 година. На инсистирање на засегнатите страни овој рок беше пролонгиран до 30 декември годинава, а сега со новиот договор се предвидува негово поместување за крајот на 2026 година, со цел, како што се наведува во образложението, да им се овозможи на операторите, трговците и властите соодветно да се подготват за примена на Законот.
Ова практично значи дека на прозводителите на какао, кафе, соја, палмино масло и гума, сточарите и на снабдувачите со дрва, кои ги пласираат своите производи на пазарот на ЕУ, им се остава рок до 30 декември 2026 година да докажат дека при нивното производство не се предизвикува уништување на шумите.
Дополнително, на инсистирање на европратениците, со договорот од оваа обврска се ослободуваат печатниците, за што особено лобираа независните книжарници, кои организираа и цела кампања за да обезбедат исклучување на секторот од обврските на Законот.
Измените на законот уследија по реакциите на повеќе страни, вклучително и на повеќето земји членки и на засегнатите чинители, кои изразуваат сомнежи околу подготвеноста на производителите и на администрациите за имплементација на одредбите, како и за некои технички прашања поврзани со новиот информациски систем поврзан со регулативата.
Со договорот, Европската комисија доби задача изврши анализа на можностите за поедноставување на законот и за тоа да презентира извештај до ЕП и до Советот на ЕУ најдоцна до 30 април 2026 година. Извештајот треба да го процени влијанието и административниот товар на Законот врз производителите, особено на помалите оператори, и да посочи начини за надминување на идентификуваните проблеми. Согласно извештајот, ЕК ќе треба да подготви и предлог за измени на законот.
Сега останува постигнатиот договор да биде и формално одобрен од страна на европратениците и од Советот на ЕУ. Најавено е дека усвојувањето на предлогот ќе биде ставено на гласање на пленарната седница на ЕП на 15 декември. Некаде до околу овој датум се очекува договорот да добие и зелено светло од страна на земјите членки во рамките на Советот на ЕУ.