Израел денеска соопшти дека делумно ќе биде отворен главниот граничен премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет како дел од договорот за прекин на огнот со милитантната група Хамас, но само за Палестинците кои сакаат да ја напуштат територијата.
– Во согласност со договорот за прекин на огнот и директива од политичкиот ешалон, преминот Рафа ќе се отвори во наредните денови исклучиво за излез на жителите од Појасот Газа кон Египет, соопшти COGAT, тело кое е задолжено за спроведување на израелската политика на палестинските територии.
– Излезот на жителите преку преминот Рафа ќе биде олеснет преку координација со Египет, по безбедносно одобрување од Израел и под надзор на мисијата на Европската унија, се вели во соопштението.
COGAT истакна дека ова е слично на механизам кој постоел во јануари 2025 година, кога границата беше кратко отворена за да се овозможи излез на повредените жители на Газа, а потоа повторно затворена.
Отворањето на границата кон Египет е одложувано повеќе пати откако првпат беше најавено по потпишувањето на договорот за прекин на огнот на 10 октомври.
Оттогаш, Палестинците можеа да го напуштат Појасот Газа само преку преминот Керем Шалом под строги ограничувања.
Израел не сака Рафа да служи како премин за испорака на хуманитарна помош, која главно пристигнува во Газа преку преминот Керем Шалом, пренесе ДПА.
ЕУ планира да придонесе за надгледување на операциите во Рафа преку својата цивилна Мисија за гранична помош, откако преминот ќе се отвори.