Започна пробната примена на системот Сејф сити, преку кој со современа технологија, преку скенирање и регистрирање ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци во државата.
За почеток со системот се опфатени Скопје, Тетово и Куманово, а се очекува во периодот кој што следи, системот да биде имплементиран и низ цела држава, на регионалните патишта, автопатите и главните сообраќајници во секое населено место.
Она што е поразително што за само 24 часа, на територијата само на Град Скопје, каде се уште во целост на се опфатени и покриени сите главни сообраќајници, има 110.000 прекршоци. Да, да, верувале или не, бројката е 110.000. Претпоставувам, тоа е неретко и од еден лик кој има направено 10,20, 30 прекршувања, а на таквите треба трајно да им се одземе возачката.
Факт е дека во Скопје и севкупно се вози лудо. Јас лично секојдневно гледам ликови кои на семафори се на лента за лево, а одат право. Претекнуваат од десна страна, возат без светла, свират без престан помеѓу згради, се паркираат на велосипедски патеки, се паркираат на сред булевар (ама ќе уклучат четири жмигавци), се паркираат на тротоар, во тревник, на пешачки, поминуваат на црвено… капак на се’ брзото возење!
Со едно нешто не се сложувам, она што и министерот го потенцираше околу возење 51, 52, 53 … да доколку направите сообраќајка и тоа се важи и третира, но реално вакви отстапки и надминување на брзината на ова нива, реално, казнено не треба да се санкционира, туку да остане на ниво на опомена и укор. Тие 5-10 на час, според мене треба да бидат во зона на опоменување, посебно на булеварите, знаејќи ја технологијата на возилата и забрзувањето и успорувањето. Но, секој кој крева над овие брзини, повеќе од очигледно е дека истото свесно го прави, а другите прекршоци кои ги наведов а секојдневно ги гледаме, ќе мора и тоа драстично да се санкционираат.
Таков хаотичен сообраќај не знам каде има во било која европска држава, посебно не главен град. Едноставно, дел од граѓаните се однесуваат агресивно и насилнички, делува како да има целосно беззаконие, и истото мора да престане и да се воспостави ред и стандарди.
Паркирањето е еден исто така горлив проблем, каде што секој бара некаква логика и правда, не барајќи го проблемот и решението во себе, туку префрлајќи на некој друг. Никаде во светот немаа неограничени паркинг места, а скоро пак никаде не се бесплатни, туку некаде се и баш „солени“. Само кај нас сите мислат дека нешто им следува, дека треба да им е на минута од каде одат или работат, и да е гратис. Такво нешто во светот нема.
Што може градот и државата да направат. Да дислоцираат дел од институциите и бизнисот во центарот, да го подобрат јавниот превоз (негова зачестеност, комфор, достапност и квалитет) и да направат уште неколку катни гаражи каде ќе може да се подостапни со месечни билети, но и да ги исчистат и стават во функција сите можни подземни гаражи во центарот на градот.
Исто така, според мене треба да има обратен процес. Тие кои имаат гаража и ја користат да се ослободат од давачки, а тие кои немаат да се пенализираат и демотивираат. Еве личен пример. Сопственик сум на поземен паркинг кој може да опслужи две возила. За истиот мене Град Скопје и Општина Карпош ме даночат со данок на имот од 1000 денари. Пазете, јас не сум терет на општината, а плаќан данок за истиот. Од друга страна, некои ликови возат коли од по 50.000 евра и се паркираат на тротоари, блокираат улици, паркови, пешачки патеки, и каде прават прекршок и го блокираат јавниот простор, тие на плаќаат ништо.
Ова мора да се промени и да биде обратно. Тие кои имаат личен паркинг простор, посебно доколку е поземен и со гаражно место, треба да бидат наградени што инвестирале, а овие кои се однесуваат бахато и раскалашено, и имаат по неколку коли на сред улица, дебело да платат за истото.
Да се вратам на Сејф сити. Ред мора да има. Очекувам сообраќајната полиција да биде на терен 24/7, системот да биде ригорозен за сериозните прекршоци, релативно попустлив за минорните, но да се работи и на едукација и однесување и на пешаците. Да се отстранат добар дел трафики на сами тротоари кои се прераснати во цели самопослуги, да се дисциплинираат таксистите, но и ликовите со точаци и тротинети, затоа што неретко се вистински камикази во сообраќајот.
Моторџиите и оние со веспите да сфатат дека не им е дозволено на возат по плоштади, по пешачки мостови, по тротоари, по велосипедски патеки, и дека и тие, и оние на тротинети, и велосипеди мораат да носат безбедносни заштитни кациги.
Луѓе, над 30 години зборуваме за Европа , за ЕУ и како да влееме. Еве вака! Ова се стандардите, а и кога одите таму, вака мора. Доста беше анархија! Обичниот народ сака ред, поредок, систем и правила на игра, а кому не одговора, тој има проблем. Слободно нека оди да живее во Индија, Пакистан или Бангладеш. Таму пак ред се воспоставува на друг начин. Полицијата на сред улица ги тепа со стап и прачка. Уште тоа кај нас не сме го пробале.
Сејф сити, е за добро на сите. Да немаме веќе жртви во сообраќајот. Нека е со лесно!
Александар Ристевски