Араухо веќе подолг период е на удар на критики поради нестабилните настапи, а ситуацијата кулминираше по натпреварот против Челзи минатиот викенд. Барселона загуби со 3:0, првиот гол беше резултат на негова лоша реакција, а поради прекумерен приговор доби жолт картон. Во 44-та минута направи прекршок врз Кукуреља, по што доби втор жолт и беше исклучен. Во второто полувреме Барса со играч помалку прими уште два гола.

По натпреварот следуваше силен бран критики, а клубот официјално соопшти дека Араухо ќе го пропушти дуелот со Алавес поради стомачни проблеми. Сепак, подоцна стана јасно дека причината е многу посериозна.

Тренерот Ханси Флик на прес-конференција пред дербито со Атлетико Мадрид изјави дека Араухо нема да биде во составот „поради лични причини“, а медиумите во Шпанија брзо открија дека станува збор за ментален притисок и психичка исцрпеност.

Во понеделникот Араухо пристигнал на тренинг, но не работел со екипата. Наместо тоа, имал разговор со раководството и тренерскиот тим во присуство на своите агенти. Им објаснил дека не се чувствува психички подготвен да продолжи, иако физички е целосно здрав. Оценил дека во таква состојба би бил товар за тимот и дека тоа не е фер кон неговите соиграчи.

Клубот му понудил целосна поддршка и му одобрил неопределен период на одмор за да закрепне и да се стабилизира.

Шпанските медиуми пренесуваат дека постои реална можност Араухо да ја напушти Барселона во летниот преоден рок, доколку неговата состојба не се подобри или доколку самиот побара промена на средината.