Претпоставувам дека многумина се сеќаваат на култниот инсерт од филмот за Титаник, каде оркестарот, на украсената палуба, додека бродот тоне, свири прекрасен валцер. Свири, како ништо да не се случува, како и тие, членовите на оркестарот, да не тонат заедно со бродот. Свири, како со својата музика да носи преубава иднина. А бродот, бродот за кој се тврдеше дека едноставно е непотоплив, дека е најдоброто нешто изградено до тогаш, е, тој брод, забрзано тоне…
Ете, вака некако се однесуваат членовите на оркестарот наречен “европски комесари“, предводени од диригентот Урсула фон дер Лајен и “првата виолина“ Каја Калас со години наназад – свират на прекрасни ноти, свират валцер од времето на колонијалниот раскош, кога во златните палати, гламурозно облечени, со “очи ширум затворени“, не се ниту осврнуваа на маките, солзите и страдањата на колонијализираните народи, на продадените робови, на сите оние кои страдаа за да може тие, во оргии да го слават богот на виното и веселбите Бах. Свири, како со својата музика да носи преубава иднина. А бродот, бродот наречен Европска Унија, бродот за кој се тврдеше дека е “непотоплив“, дека е најдоброто нешто “изградено“ до денес, тој брод, за жал, забрзано тоне…
Денес, повторно, не осврнувајќи се на жртвите, на разурнувањата, на страдањата, заблудени во својата лажна моќ и важност, токму ЕУ, не сакајќи да види дека Украина е огромната санта мраз во која европскиот Титаник удри со целата сила и дека “непотопливиот рај“ претворен во “елитен клуб“, од тој удар тоне се’ подлабоко и со себе ги влече државите членки и нивните граѓани и, со таквиот свој однос дури, за жал, претставува кочничар на процесите на воспоставување мир во Украина. А со тоа и кочничар во процесот на стабилизирање на меѓународните односи и воспоставување на новиот мултиполарен светски поредок.
ВОЈНАТА Е МИР, НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ
И додека нормалниот свет, со огромна надеж, посебно после средбата на американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин во Енкориџ, на Алјаска и, мировниот план на Трамп во 28 точки, очекува завршување на војната во Украина и воспоставување светски мир, корумпираните комесари на ЕУ и лидерите на самопрогласената група Е3, Велика Британија, Франција и Германија, Стармер, Макрон и Мерц, со целосна поддршка на ултракорумпираниот режим на Зеленски, со ирационална политика за продолжување на војната по секоја цена (до последен украинец), ги поткопуваат реалполитичките напори за воспоставување мир.
За да ни биде јасно зошто се однесуваат така, ќе наведам информации од американски извори, кои тврдат дека и Доналд Трамп тие информации ги има на работниот стол, дека коруптивната мрежа во Украина е длабоко поврзана со врвот на ЕУ, дека коруптивната сума изнесува, не 100 милиони како што е објавено, туку неверојатни 48 милијарди долари. Според овие извори, овие пари се “переле“ преку банки од матичната држава на комесарот за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас, Естонија. Еден дел од оваа речиси неверојатна сума останувал за украинскиот корумпиран режим, еден огромен дел се враќал во рацете на корумпираниот европски врв и, еден дел одел во рацете на американските “јастреби“, заговорници за ескалација на војната во Украина. Така, парите од европските граѓани, преку ваквиот синџир завршувал во рацете на оние за кои на орвеловски јазик “војната е мир“.
Токму затоа, деновиве, повторно во стилот на орвеловата “1984 – та“, за да можат да ги контролираат информациите, формираа “министерство за вистина“, односно Центар за демократска отпорност, наречен “Демократски штит“. “Штит“ преку кој се обидуваат да ги спречат сите информации кои не соодветствуваат на нивните, преку кој секого што изнесува вистина го прогласуваат за “руски агент“ и дури, ќе се обидат одново американскит претседател Трамп да го претстават како “руски шпион“.
Упорно како папагали повторуваат дека и тие имаат мировен план во две точки – слабеење на Руската Федерација и воена поддршка на Украина. Упорно се обидуваат светот да го втурнат во нова голема војна, свесни дека крајот на војната во Украина и воспоставувањето мир, претставува и нивна и политичка смрт на Зеленски и неговата корумпирана дружина. Длабоко свесни дека мирот ќе значи конечно воспоставување на мултиполарниот светски поредок како “светска заедница на идентитети“ и крај на нивното униполарно марксистичко глобалистичко владеење.
Згора на се’, ќе треба, на некој нов “Нирнбершки процес“ да одговараат за се’ она што го сторија – од опструкција на минските и инстанбулските договори со што ја предизвикаа војната, преку свесна ескалација на таа војна и предизвикување смрт и разурнувања, до коруптивната шема која најбезобзирно ја воспоставиле.
Ете затоа упорно свират валцер на бродот што тоне.
Граѓаните на европските држави не заслужуваат да потонат заедно со овој налудничав оркестар. Да се надеваме дека реалполитиката на мудрите, конечно ќе ја порази ирационалноста на корумпираните политичари. Зашто човештвото нема друг излез.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК