Во период во кој сме изложени на обилни врнежи од дожд, би сакал да апелирам на повисока свест кај институциите, и локалните и националните по ова прашање.
Едно од нештата, кое кај мене наиде на поздравување е што новоизбраниот Градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски пристапи кон механичко чистење на коритото на Вардар, во центарот на градот. И токму во вистинско време, затоа што само по недела две од тогаш, гледаме огромно количество на вода, по течението на Вардар.
Низ годините како општество многу малку се води грижа за она што некој во 60тите и 70тите години од минатиот век го регулирал, осмислил и предвидел. Не случајно покрај одредени реки и водни површини свесно се остава простор (заштитна зона), зошто има одводни канали со голема пропусна моќ.
Цело Скопско поле, цела Пелагонија, подножјето на Водно се само некои од местата на кои сум бил сведок дека се предвидени и регулирани за да го заштитат населението и севкупното стопанство од големи води.
Но, со плурализмот и во изминатите триесетина години гледаме дека профитот и личниот интерес е на прво место, дека владееше урбанистичка анархија и дека сега ќе мора да бидат лекувани последниците на немарното и бахато однесување.
Се надевам дека за почеток сегде ќе се исчистат каналите и одводите, дека коритата на реките ќе се регулираат, санираат и исчистат и дека ќе се воведе строг мониторинг на нивните теченија, како превенција против загадување, затрупување и девастирање. Истото важи и за атмосферските канализации, одводите, сливниците, но и каналите покрај патиштата и автопатите.
За жал, не научивме и не ја сфативме поентата на регионални депонии, кои и таквите ги гледаме како големи ѓубришта, а претпоставувам земајќи го предвид менталитетот, и така планираме да ги тераме. Ќе мора да ја креваме еколошката свест и со едукација и со строги санкции.
Имаме еден куп институции посветени на водите, водните ресурси, наводнување и одводнување, животна средина, Управата за хидрометеоролошки работи, па и самите единици на локална самоуправа, но и ДСЗ и ЦУК, но очигледно низ годините истите не беа интересни за високата политика, па и интересот за нив го спушташе нивото за тоа колку се битни.
Нема подобро и поумно нешто од превенција. Доколку преку цела година, некој си ја врши работата, ќе нема да има потреба од стравови од поплави, прелевања и разнесување на ѓубре.
Гледам низ градовите (Гостивар и Кичево) почнати огромни објекти згради близу до реките. Кој и како издава дозвола за градба? Ако се дивоградби уште полошо. Се сеќавам пред десетина години на едно шарпланинско село дождот направи свлечиште каде што десетици куќи беа уништени од камења со десетици тони.
Ќе мора институциите да работат според стандарди и критериуми, доколку сакаме квалитет на живеење, и доколку сакаме реална ЕУ интеграција. За секое кршење на закон и злоупотреба ќе мора да се сноси одговорност. Играње со безбедност и човечки животи, не смее да има. А стандардите сме ги имале, само треба повторно да се применат, и тоа до збор.
Како за крај, гледам дека водостојот на преспанското езеро, колку толку се подобрува, иако реално е многу низок. Да бевме умни периодов, да насочевме дел од овие обилни врнежи кон езерото, можеби ќе успеевме периодов и да ги вратиме плажите кои со години се повлечени. Анархијата која долго владееше мора да запре. Само мора да се има желба и јасна агенда, која ја гледам, но истата мора да има јасна и конкретна примена, без исклучок. А оние кои рипаат и скокаат и кои и направија огромна штета на Македонија, ќе мора да си „легнат во бршаното“. За крај, се надевам дека и мој Чаир, ќе доживее ред, поредок и стандарди. За дел од истиот, Бангладеш е мал збор за споредба.
Александар Ристевски