Најновиот мировен план за Украина е тема на денешниот онлајн неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Во најавата за состанокот се посочува дека се очекува министрите да разговараат за „најновите случувања во контекст на позитивниот нов моментум во напорите за постигнување мир во Украина, по интензивните консултации на високо ниво на Г20, во Женева и за време на неодамнешниот Самит на ЕУ и Африканската унија“.
На маргините на Самитот ЕУ-АУ во Луанда во понеделникот се одржа неформална средба во хибриден формат, во живо и онлајн, на шефовите на држави или влади на членките на Унијата посветена на „најновите случувања во врска со напорите за постигнување мир за Украина“, на која присуствуваа и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
По состанокот Кошта порача дека единствената и координирана позиција на ЕУ е клучна за обезбедување „добар исход“ од мировните преговори, и за Украина, и за Европа.
Лидерите на ЕУ ги поздравија „конструктивните дискусии“ меѓу американски и украински претставници што се одржаа викендов во Женева и напорите на претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски и нивните тимови, оценувајќи дека постои нов моментум во мировните преговори.
Европските лидери посочија и дека ЕУ мора целосно да биде вклучена во решавањето на прашањата кои директно ја засегаат, како што се санкциите, проширувањето или замрзнатите руски средства и дека никакви одлуки за тие прашања не може да се носат без Унијата.
Подготвени сме да продолжиме да го поддржуваме овој процес со заедничка работа во рамките на ЕУ и во тесна координација со Украина, САД и НАТО. Она што е важно сега, е да продолжиме напред како партнери обединети околу нашата заедничка цел: да запре оваа војна, да се спречи убивањето луѓе и да прекине воената агресија врз Украина и да обезбедиме, праведен и траен мир за украинскиот народ, рече Кошта.
Лидерите порачаа и дека ЕУ е посветена да продолжи да му ја дава на Зеленски сета потребна дипломатска, воена, економска и финансиска поддршка.
– Мирот не може да биде привремено примирје, тој мора да биде трајно решение. Украина ја избра Европа и Европа ќе застане до Украина, потенцира Кошта по средбата.
Фон дер Лајен, пак, оцени дека во Женева е постигнат „добар напредок“ во преговорите за праведен и траен мир во Украина, благодарение на „ефикасното и координирано европско ангажирање, како и силното присуство на ЕУ“.
– Иако останува да се направат уште некои работи, сега постои солидна основа за движење напред, рече Фон дер Лајен, додавајќи де европските лидери на состанокот биле единствени во поддршката на Украина и заложбите дека мора да се почитуваат украинските територија и суверенитет и дека како земјата може да донесува одлуки во врска со своите вооружени сили.