Над 55 проценти од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, на денешната средба со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Како што стои во соопштението на РКЕ, соговорниците ги споделиле искуствата во секторот и истакнале дека полето на соработка може да се прошири, доколку се земе во предвид дека сѐ повеќе се употребуваат материјали со кинеско производство при реализација на значаен дел од инвестициите во енергетиката.
– Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки, посочи Бислимоски.
Од РКЕ додаваат дека на средбата се разговарало и за тоа како новите технологии, паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција.