Македонија

Клиничката болница во Штип воведува најсовремениот метод за пренатален скрининг за трудници

Клиничката болница – Штип од понеделник воведува најсовремен метод за пренатален скрининг – брз, безболен и сигурен тест за рано откривање на индивидуалниот ризик кај трудниците и можни генетски аномалии кај плодот. Тестот ќе биде достапен за сите здравствено осигурени трудници, без дополнителни трошоци.

Според Величе Николова, специјалист медицински лаборант во Клиничката болница – Штип, со воведувањето на овој тест установата поставува нов стандард во грижата за бремените жени.

– За прв пат во КБ Штип се воведува БЕНЕТЕЧ тест – пренатален скрининг. Болницата го покрива целиот источен регион и секоја трудница со државно здравствено осигурување може да го направи овој тест. Се работи за брз, безболен метод, за кој е потребно само земање венска крв, изјави Николова.

Појасни дека трудниците треба да донесат упат од матичен гинеколог и ехо-преглед на плодот. Тестирањето ќе се изведува секој работен ден од 8:00 до 14:00 часот.

Од болницата истакнуваат дека ова претставува значаен чекор напред во пренаталната дијагностика и обезбедува поголема сигурност и навремена информација за здравјето на плодот. Медицинскиот тим уверува дека процесот е едноставен, брз и целосно безбеден.

Со воведувањето на овој тест, велат од болницата, се отвора ново поглавје во заштитата на мајките и бебињата, а се очекува сè поголем број идни мајки да ја искористат оваа можност за посигурна бременост.

To top