Со полагање цвеќе на Спомен костурницата, свечена седница на Советот и бројни културни манифестации, Куманово одбележува 81 година од ослободувањето и 506 години од своето постоење.
Претставници од општината, од институциите, установи, амбасади, од збратимени градови денеска ќе положат цвеќе на Спомен косурницата. Годинава, наместо традиционалните „Ноемвриски награди“, на свечената седница на Советот ќе бидат врачени благодарници, поради тоа што сè уште не е одржана конститутивната седница на Општината.
Во рамки на празничната програма, вчера се одржа концерт со музички ѕвезди од Македонија, на кој граѓаните заедно го прославија Денот на ослободувањето – 11 Ноември, на која се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски.
Претходно беше отворена традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2025“, во чест на празникот 11 Ноември. На изложбата беа презентирани дела од 23 академски ликовни уметници. Во рамки на одбележувањето, општината организираше свечен прием за претставници од збратимените градови, на кои претставниците на локалната власт разговараа со претставниците на неколку градови, укажувајќи на долгогодишната соработка е гордост, и можноста за размена на нови идеи и идни проекти важни за граѓаните.
Во чест на одбележувањето на 506 години од постоењето и 81 година од ослободувањето на градот, се одржа и празнична средба со претставници од државни институции, граѓански здруженија, поранешни градоначалници и претседатели на Совет на Општината. На настанот присуствуваа претставници од Сојуз на борци од НОБ и антифашистичката војна на Македонија (1941-1945) и граѓани продолжувачи – Општински одбор Куманово, претставници од Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав на Куманово – ЗАПВАРС, претставници од АРМ, од СВР Куманово и од ТППЕ Куманово.
Секторот за култура и Фондацијата за култура и спорт од почетокот до крајот на месец ноември организираат бројни манифестации од областа на културата и спортот.