Израелски воздушен напад врз автомобил што се движел по главниот пат што ги поврзува најголемите градови во јужен Либан уби едно лице утрово, соопшти либанското Министерство за здравство.
-Израелски напад врз автомобил во областа на градот Бесарија уби едно лице“, се вели во соопштението на Министерството.
Нападот се случи откако Израел започна серија напади овој викенд во кои загинаа пет лица. Израел ги засили нападите во областа поради страв дека групата Хезболах, поддржана од Иран, се вооружува.
Две лица беа убиени минатата недела во одделни израелски напади во јужен Либан, а уште тројца загинаа во саботата. И покрај договорот за прекин на огнот постигнат во ноември по повеќе од една година борби со Хезболах, Израел продолжува редовно да ги напаѓа упориштата на проиранското движење во Либан, обвинувајќи го дека се обидува да ги обнови своите воени капацитети.
Хезболах е ослабен од последната војна со Израел, а САД го засилија притисокот врз либанските власти да ја разоружаат групата, што одбија да го сторат.