Свет

Лидерките на институциите на ЕУ во обид за договор за следната буџетска рамка

Претседавачката со Советот на ЕУ, данската премиерка Мете Фредериксен, претседателката на Европската комисијата, Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола денеска ќе одржат онлајн средба во обид за надминување на разликите околу Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, вредна 2.000 милијарди евра.

Лидерките на институциите на ЕУ во обид за договор за следната буџетска рамка

Претседавачката со Советот на ЕУ, данската премиерка Мете Фредериксен, претседателката на Европската комисијата, Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола денеска ќе одржат онлајн средба во обид за надминување на разликите околу Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, вредна 2.000 милијарди евра.

Главна спорна точка во буџетот е предлогот на Комисијата за спојување на фондовите за субвенционирање на регионалниот развој и за земјоделството во единствен „партнерски план“ во вредност од 865 милијарди евра, на што жестоко се противат Европскиот парламент, регионалните власти, земјоделските здруженија, но и некои земји членки. Европарламентот дури се закани и со блокада на преговорите за буџетот, доколку овој предлог не биде променет.

За да го смири овој „потенцијален бунт“, Европската комисија вчера попладне излезе со предлог најмалку 10 отсто од средствата во „партнерскиот план“ да бидат наменети за земјоделството, како и регионалните и локалните власти да имаат позначајна улога во носењето одлуки околу начинот на трошење на парите. Дополнително, ЕК предлага и поголема улога на Европскиот парламент во обликувањето на јавните трошоци на ЕУ, на што веќе подолго време инсистираат европратениците. Ваквиот предлог се смета за обид на ЕК да покаже да излегува во пресрет на барањата на европратениците.

Во обид за приближување на ставовите  еврокомесарот за буџет Пјотр Серафин во средата вечерта одржа средба со лидерите на пратеничките групи во ЕП и главните парламентарни преговарачи за буџетот, по која дел од европратениците оценија е остварен напредок и дека би можело да биде постигнат некаков договор во текот на оваа недела.

Новиот предлог на ЕК следи откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите на ЕУ (Корепер) во петокот, според дипломатски извори, заклучил дека клучна улога околу усогласувањето на следната буџетска рамка треба да имаат членките на Унијата, односно дека главниот збор во преговорите за „суштински промени“ на предлогот треба да го имаат лидерите во рамки на Европскиот совет, пред другите институции на блокот.

– Расположението во Советот е дека ова не е време да се играат институционални игри, дури и ако забелешките што ги покренаа лидерите на пратеничките групите, исто така можеме да ги слушнеме и од земјите членки, изјави неименуван дипломат за порталот „Политико“.

Оттаму, според него, се очекува на денешниот состанок Фредериксен да и ги пренесе на Мецола забелешките на земјите членки и да и порача дека Европскиот парламентот не треба да ги одолговлекува работите, во услови кога „Европа треба да дејствува брзо и решително“.

Советот стравува дека доколку ЕП не го промени својот став, преговорите за следната буџетска рамка, кои некои веќе ги оценија како „најтешки во историјата на ЕУ“, би можеле да излезат од контрола и да се одолговлечат во текот на целата 2026 и 2027 години.

Ваквото сценарио, воопшто не оди во прилог на лесен договор околу буџетот, имајќи предвид дека за во 2027 година се предвидени претседателските избори во Франција, кои би можеле уште повеќе да ги отежнат работите.

Инаку, Предлог-повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 е на дневниот ред на овонеделното „мини-заседание“ на Европскиот парламент, предвидено за в среда и четврток во Брисел.

To top